• четврток, 09 јануари 2025

„Тикток“ веќе има своја замена

„Тикток“ веќе има своја замена

Вашингтон, 8 јануари 2025 (МИА) - Апликацијата „Тикток“ наскоро може да биде забранета во САД, па резервниот план развиен од компанијата „Бјyтденс“ за ова сценарио, веќе почна да се спроведува. Имено, според познавачи, кинеската платформа веќе „ги турка“ своите американски корисници кон „Лемон-8“, апликација којашто е во сопственост на истата компанија.

Сепак, сѐ поизвесно е дека Законот за забрана на „Тикток“ ќе ги вклучува и сите други апликации во сопственост на кинеската компанија, иако според наводите, „Бјyтденс“ се надева дека тој ќе биде насочен на забраната на главната апликација.

Компанијата претходно разви систем каде што корисниците на „Тикток“ кои се регистрираат на „Лемон-8“ ги задржуваат сите свои следачи, а нивните профили на двете апликации се поврзани.

Инаку, „Лемон-8“ наликува на попознатата проограма, со тоа што заедно со видеообјавите може да се прикачуваат и фотографии, како на „Пинтерест“ или „Инстаграм“.

Предлог-законот за забрана на „Тикток“ беше поднесен во американскиот Конгрес во март лани, а ја доби поддршката од двете големи американски партии. Според сегашната состојба, „Тикток“ ќе биде официјално забранет на 19 јануари оваа година, иако постои можност - новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп да се обиде да го блокира спроведувањето со испраќање жалба до Врховниот суд.

Причината за можната забрана на „Тикток“ во САД е тоа што компанијата „Бјyтденс“ е поврзана со Кинеската комунистичка партија, којашто раководи со Кина. Доколку платформата ѝ се продаде на компанија што не доаѓа од Кина, односно ги нема тие врски со Владата на кинескиот претседател Ши Џинпинг, таа би можела да продолжи со својата работа во САД.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан