• сабота, 09 ноември 2024

„Тиквеш“  прва винарница во Југоисточна Европа со ESG стандарди

„Тиквеш“  прва винарница во Југоисточна Европа со ESG стандарди

Скопје, 13 јуни 2023 (МИА) - Винарската визба „Тиквеш“ е првата компанија во винската индустрија во регионот која ги применува водечките глобални ESG стандарди во доменот на заштитата на животната средина, позитивното општествено влијание и транспарентното корпоративно управување. 

За таа цел денеска „Тиквеш“ организираше Конференција за имплементација на ESG стандардите, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со финансиска поддршка од Европската унија – Фонд за развој на претпријатија и иновации за Западен Балкан (WB EDIF), на која беше презентиран и првиот ESG извештај на „Тиквеш“ за 2023 година. На конференцијата беше препорачано примерот на „Тиквеш“ да биде инспирација и мотив и за останатите домашни компании за тоа како треба да размислуваат и делуваат за да постигнат одговорен и одржлив развој.

-Ние во „Тиквеш“ и во сите поврзани компании отсекогаш цврсто сме верувале дека она што го работиме треба да дава поголем ефект и целта ни е со нашите активности позитивно да влијаеме врз животната средина, заедницата и целокупното општество. Сакаме да обезбедиме перспектива за младите луѓе од нашата земја и да им дадеме можност да ги реализираат своите планови и соништа тука, а не во странство, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето поздраво обраќање пред учесниците на конференцијата.. 

Затоа, додаде, први ги воведовме ESG стандардите, почнувајќи со нивното спроведување уште години наназад, а денес го имаме и нашиот прв ESG извештај. 

-Но, нашата работа не завршува тука. Со зголемување на предизвиците со кои се соочуваме како човештво, се зголемува и потребата од нашата инволвираност во нови иницијативи и на нови теми. Заштитата на животната средина и борбата против климатските промени се едни од нив. Воведувањето на овие стандарди го направивме со сопствени сили и со вложување на сопствени средства. Сепак, иако се поставени овие стандарди, се уште во нашата земја и пошироко нема доволна свесност за потребите на компаниите. Се уште не постојат поволни кредити со кои би се поддржало спроведувањето на активностите што ги бараат ESG стандардите од страна на компаниите, како и за тоа да се овозможи повеќето од нив да навлезат во оваа област, потенцираше Јаневски.

Раководителот на претставништвото на ЕБОР во Скопје, Фатих Туркменоглу посочи дека процесот на имплементација на ESG стандардите е дел од тековната поддршка на ЕБОР и програмата „Blue Ribbon“, која му овозможува на „Тиквеш“ пристап до клучни консултантски и советодавни услуги во оперативното и финансиското работење на компанијата.

-Солидниот еколошки и одржлив развој е во средиштето на мандатот на ЕБОР. Во овој контекст, ни претставува чест што сме една пионерска институција која го воведува овој концепт во вашата земја. Ни беше чест што ја поддржавме винарницата „Тиквеш“ на патот кон етаблирање како прва одржлива винарница во Централна и Југоисточна Европа. Го охрабруваме приватниот сектор да ги контактира нашите тимови и да зачекори кон патувањето на еколошки и одржлив развој, со цел да креира долгорочни вредности за општеството, рече Туркменоглу.

На панел дискусиите што се одржаа во рамки на конференцијата се презентираа различни аспекти од ESG сферата, вклучувајќи ја регулаторната рамка, подготовката и поднесување на ESG извештаите, за начинот на градење одговорни вредносни синџири кои вклучуваат компании со имплементирани ESG стандарди, а беа истакнати и најдобрите локални практики и искуства, меѓу кои секако и примерот на „Тиквеш“, како успешни модели кои треба да ги инспирираат и мотивираат останатите домашни компании похрабро да зачекорат во оваа особено значајна област.вј/са/

Фото: Тиквеш

Остани поврзан