• петок, 27 декември 2024

Тиквешијата добива регионален Центар за советување, помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство

Тиквешијата добива регионален Центар за советување, помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство
 Кавадарци, 8 март 2022 (МИА) - Тиквешијата добива регионален Центар за советување, помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство. Од Здружението за родова еднаквост „Визија“, со седиште во Кавадарци, за МИА попладнево потврдија дека во завршна фаза е отворањето на еден ваков регионален центар.
- Активностите се дел од проектот „На пат кон ЕУ, спречување на насилството врз жените“, финансиран од Фондацијата „Квина тил квина“, имплементиран од Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство, појаснија од Здружението, нагласувајќи дека долго се очекуваше еден ваков центар во тиквешкиот регион.
За реализација на проектот, Здружението добило финансиска поддршка и од кавадаречка, неготинска, росоманска и демиркаписка општина. - Целна група се жртви на родово базирано насилство и семејно насилство. Советувалиштето ќе работи директно со жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство кои се справуваат со насилство во даден момент, кои се во ризик од насилство, жени жртви кои ја напуштиле насилната средина, како и жени жртви кои се во процес на напуштање на насилната средина, во процес на развод или пак се справуваат со трауми и последици на насилство доживеано во детството. Исто така, советувалиштето ќе работи со деца кои биле директни или индиректни жртви на родово базирано и семејно насилство, или, малолетни лица под 18 години, без разлика на полот, информираа од „Визија“. Советувалиштето ќе биде лоцирано во Општина Кавадарци, на локација која е лесно достапна и пристапна за лица со физичка попреченост, а може да се обезбеди советување и поддршка и преку интернет платформи, за оние коишто не можат физички да го посетат советувалиштето. Во него, ќе бидат соодветно ангажирани и стручни кадри, коишто ќе им помогнат на корисниците на услугите на центарот, во идната рехабилитација и социјализација. свд/ки/

Остани поврзан