• среда, 25 декември 2024

Политичка „криза“ во Југоисточна Азија поради Тејлор Свифт

Политичка „криза“ во Југоисточна Азија поради Тејлор Свифт

Сингапур, 5 март 2024 (МИА) - Договорот на американската поп-пејачка Тејлор Свифт со организаторите на нејзините концерти во Сингапур, каде што таа ќе има шест настапи во рамките на нејзината светска турнеја, прерасна во политичко прашање во Југоисточна Азија.

Имено, Сингапур е единствената земја во овој дел од светот каде што Свифт ќе настапи, а соседните земји тоа го прогласија за „непријателски чин“ на оваа град-држава. Тамошната Влада претходно објави дека има дозвола за настап на Свифт, но не ги откри условите. Потоа се дозна дека условот е Сингапур да биде единственото место во ова подрачје каде што Свифт ќе има концерт во рамки на постојната турнеја.

Особено незадоволни се во Тајланд и Филипини каде што официјалните соопштенија на властите истакнуваат дека „ова не е добрососедско однесување“ на Сингапур.

Премиерот на Сингапур, Ли Хсиен Лунг го бранеше договорот со Свифт пред новинарите на Регионалниот самит во Мелбурн, Австралија.

- Нашите агенции преговараа за аранжман што ѝ овозможи на Тејлор Свифт да дојде во Сингапур и според којшто Сингапур е нејзината „единствена станица“ во Југоисточна Азија. Испадна дека тоа е многу профитабилен аранжман и не гледам ништо непријателско во тоа, рече Ли.

Свифт од 2 до 4 март ги изведе првите три од нејзините шест распродадени концерти во Сингапур. Следат уште три концерти - од 7 до 9 март. Нејзината следна дестинација на турнејата ќе биде Лисабон, каде што ќе настапи на 24 и 25 мај.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан