• сабота, 23 ноември 2024

Техеран се пожали до МААЕ поради израелските закани за напад на иранските нуклеарни објекти

Техеран се пожали до МААЕ поради израелските закани за напад на иранските нуклеарни објекти

Техеран, 21 октомври 2024 (МИА) - Иран испрати писмо до Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на ОН за да се пожали на израелските закани дека ќе ги нападне неговите нуклеарни објекти, соопшти денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на неделната прес-конференција.

Израел претходно се закани дека ќе го нападне Иран како одмазда за ракетен напад од Иран на 1 октомври, што предизвика широки шпекулации дека иранските нуклеарни локации би можеле да бидат меѓу целите.

- Заканите за напад на нуклеарни објекти се спротивни на резолуциите на ОН и наидуваат на осуда. Испративме писмо за ова до агенцијата на ОН за нуклеарен надзор, изјави портпаролот на министерството Есмаил Багаеи.

Минатата недела канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел ќе го послуша својот клучен сојузник САД во однос на одговорот на иранскиот ракетен напад, но ќе ги донесе своите одлуки во согласност со националниот интерес.

Багаеи, одговарајќи на прашањето дали Иран ќе ја промени својата официјална нуклеарна доктрина, изјави дека за „оружјето за масовно уништување нема место во нашата политика“.

Иран неколкупати ги отфрли обвинувањата од Западот дека тајно се обидува да развие нуклеарна бомба, кршејќи ги своите обврски во рамките на Договорот за неширење на оружјето. ссм/

фото: архива

Остани поврзан