• понеделник, 23 декември 2024

„Тетовчани за Скаловски“ омаж во чест на композиторот Тодор Скаловски се одржа во Тетово

„Тетовчани за Скаловски“ омаж во чест на композиторот Тодор Скаловски се одржа во Тетово

Тетово, 13 ноември 2024 (МИА) - Со изведба на повеќе музички сценски дела, во Тетово се одржа омаж во чест на композиторот Тодор Скаловски (Тетово 1909 - Скопје 2004), дел од настаните кои се организираат во чест на 80-годишниот јубилеј од ослободувањето на градот од фашистичката окупација. „Тетовчани за Скаловски“ беше насловена вечерашната манифестација која се одржа во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ).

-Омажот за Тодор Скаловски е поради неговиот голем придонес за македонската музичката култура, но и за нашиот град и затоа треба да бидеме свесни за неговите вредности и големина, порача во природното обраќање, диригентот проф. д-р Ивица Зориќ.

Како што рече, сите години по ослободувањето Скаловски ги посветува на формирање на институциите од областа во културата во Македонија, бил прв директор на Операта, Сојуз на композитори и многу други установи.

-Се запознаваме со него во 1971 година, а по една година во Тетово се помогна да се возобнови хорот „Иљо Антески Смок“. Скаловски доаѓаше кога се формираше фестивалот Тетовски хорски одзиви (ТЕХО) кој почна да се одржува во 1973. Со Скаловски 33 години другарувавме и соработувавме, сè што напиша Скаловски хорски композиции, женските хорови ги имаат изведено. Така на хорските фестивали низ 20 земји, секаде Скаловски бил застапен на нашиот репертоар. Ние не сме свесни која е големината на Тодор Скаловски, како композитор и човек. Умееше со сите луѓе да има човечки однос, а неговата големина е неговата скромност и умешноста знаењето да го пренесе на другите генерации, истакна  Зориќ.

Омажот почна со македонската химна, чиј композитор е токму Тодор Скаловски, а ја изведе Женскиот младински хор „Менада“ со диригентот проф. д-р Ивица Зориќ. Следуваа изведби на композициите „Молитва“ и „Залез“ на баритон Дејан Симовски и Ана Петровска во пијано придружба.

„Шарпланинска приспивна“ ја изведоа сопранот Катица Мишеска во придружба на пијанистот Душко Дембовски, додека соло изведба со пијано на композицијата „Македонски триптих“ имаше Ана Петровска.

На крајот беа изведени хорските композиции „Тодорка млада робинка“ и „Балада за Гоце“ од страна на хорот „Менада“ и диригрент проф. д-р Ивица Зориќ, со баритонот Дејан Симовски и сопранот Катица Мишеска.

Тодор Скаловски е роден на 21 јануари 1909 година во Тетово, како четврто дете на татко му Алекса и мајката Зара. Почина во Скопје во 2004 година. Музичко образование стекнал во Белград, а диригенството го усовршил во Австрија.  ас/хс/ 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан