• вторник, 24 декември 2024

Тетовци ги санираат последиците од големото невреме

Тетовци ги санираат последиците од големото невреме

Тетово, 23 јуни 2024 (МИА) - По големото невреме проследено со дожд и град, тетовци почнаа да ги санираат последиците. И овој пат, како и досега најмногу штета претрпеа, куќите кај тетовската касарна и текстилното училиште, гаражите во Блок 80, подвозникот на излезот од Тетово кон Скопје и на уште неколку места. Со помош на екипи од против пожарната бригада од Тетово, со моторни пумпи се извлекува водата од најзагрозените објекти. И овој пат, како и неколку пати до сега причинетите штети се големи.

-Не е прв пат ова да ни се случува, досега четири-пет пати како ни се поплавуваат куќите на ова место. Одевме кај надлежните во Општината и се ни ветуваа дека ќе дојдат и ќе го средат ова критично место, но се останува на збор. Навистина имаше многу дожд, но овој проблем мора да се реши. Порано оградата од касарната беше со жица а покрај неа имаше одводен канал, но пред некоја година поставија кај оградата ѕид а каналот го затрупаа и сега водата нема кај да оди и влегува право во нашите куќи. Штетите се огромни, ни се поплавени пелети, фрижидери, печки, мебел и други електрични апарати. Ние не бараме оштета од поплавиве, важно ние е еднаш за секогаш да се реши проблемот со оваа улица, вели Жарко Крстевски, чија куќа редовно при поголеми дождови се поплавува.

Веднаш откако престана дождот на терен излегоа тетовските пожарникари и на најкритичните места и со пумпи почнаа да ја вадат водата од поплавените простории.

-Моментално ситуацијата е многу тешка, има многу поплавени куќи и објекти кои треба да се чистат. Најголеми штети има направено во Мала Речица, поплавени куќи има на улица Мирче Ацев, имавме три интервенции кога спасувавме лица од возила, при што еден случај беше покритичен па лицето моравме да го вадиме преку покривот од возилото, имаше многу вода и ние едвај го спасивме. Бидејќи имавме многу поплавени куќи побаравме од ЕВН да ја исклучи струјата бидејќи се плашевме од евентуални струјни удари. Струјата беше исклучена за кратко, а потоа, на наше барање повторно беше вклучена, изјави Авни Амети, командир на против пожарната бригада на Општина Тетово.

Невремето направило големи штети и на земјоделските и овошните насади во Тетовскиот регион, но засега нема официјални информации, колкави се тие. ас/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан