Тереза Ангињо избрана за нов европски омбудсман
- Европскиот парламент ја избра Португалката Тереза Ангињо за европски омбудсман со мандат од пет години. На тајно гласање во пленарната сала доби поддршка од 344 европратеници, се прецизира во соопштението на ЕП.
Стразбур, 17 декември 2024 (МИА) - Европскиот парламент ја избра Португалката Тереза Ангињо за европски омбудсман со мандат од пет години. На тајно гласање во пленарната сала доби поддршка од 344 европратеници, се прецизира во соопштението на ЕП.
Тереза Ангињо го доби неопходното мнозинство од дадените гласови по два круга гласање. На првото и второто гласање учествуваа шест кандидати.
Новоизбраната Ангињо е независен експерт за човекови права и академски истражувач. Таа работи како член на Надзорниот одбор на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), а претходно беше заменик народен правобранител на Португалија.
За време на јавната расправа во Комисијата за претставки на 3 декември 2024 година. Ангињо вети дека ќе ја зајакне довербата меѓу ЕУ и нејзините граѓани со почитување на највисоките стандарди за интегритет и одговорност.
-Денешниот свет не ја разбира неодлучноста на непотребните формалности или бирократија, ниту прифаќа непотребни доцнења. Секогаш мораме да ги следиме соодветните процеси, правилата и основните формалности, но мора да постигнеме и резултати. Тоа е прашање на доверба во институцијата, но и на крајот и во Европската унија како целина, им порача таа на пратениците во Европскиот парламент.
Откако ќе биде одобрена од Европскиот парламент, таа ќе го започне својот петгодишен мандат по церемонијата на положување заклетва на 27 февруари 2025 година во Судот на правдата на ЕУ.
Омбудсманот на ЕУ во заминување, Емили О'Рајли од Ирска, првпат ја презеде функцијата во јули 2013 година, а нејзиниот мандат беше обновен во декември 2019 година. Нејзини претходници беа Параскевас Никифорос Дијамандурос од Грција (2003-2013) и Јакоб Седерман од Финска (1995-2003).
Основан во 1995 година, Европскиот омбудсман истражува случаи на злоупотреба во институциите, телата, канцелариите и агенциите на ЕУ, постапувајќи по сопствена иницијатива или како одговор на поплаки од граѓаните на ЕУ. мс/
фото: Веб-сајт на ЕУ