• петок, 27 декември 2024

Теракотните икони од Виничко кале по Англија и Шпанија на изложба во Вински музеј Кавадарци

Теракотните икони од Виничко кале по Англија и Шпанија на изложба во Вински музеј Кавадарци

Кавадарци, 7 февруари 2024 (МИА) - Теракотните икони од Виничко кале по претставувањето во Англија и Шпанија, доаѓаат на изложба во Вински музеј Кавадарци, информираше денеска Весела Честоева, директорка на кавадаречката културна институција. Таа подвлече дека станува збор за археолошки предмети, што се дел од културното богатство на Македонија и како такви, имаат непроценливо значење.

- Подготовките се во полн ек, ја известуваме јавноста дека настанот е на агендата на програмата за одбележување на верскиот празник „Свети Трифун“, што се смета за заштитник на градот и на лозарите и винарите. Неколкудневната програма на Општината изобилува со настани, а теракотните икони ќе дадат посебен белег на традиционалната манифестација. Централната прослава е на 14 февруари, соопшти директорката на музејот за регионот „Тиквеш“.

Честоева додаде дека станува збор за ранохристијански керамички релјефи од Виничкото кале, познати како теракотни икони, а изложбата се реализира  во соработка со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница.

- Вински музеј Кавадарци со оваа несекојдневна изложба, нуди можност после Оксфорд, Велика Британија и Кордоба, Шпанија, да се погледнат овие експонати и од љубителите на уметноста од Тиквешијата и регионот. Изложбата ќе биде отворена за посетители, до крајот на месецот. Се работи за 12 керамички релјефи и осум банери на кои се претставени Виничкото кале и 14 мотиви од нив. Познатите винички „теракотни икони“, што се со потекло од петти до шести век од нашата ера, се вбројуваат во редот на најавтентичните археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното христијанско уметничко наследство, нагласи Честоева за МИА.

Таа додаде дека овие теракотни релјефи, содржат иконографски претстави со христијанска тематика, како и латински натписи со литургиска содржина.

- Веројатно служеле како апликација за ѕидовите на гробните објекти во доцноантичкиот период. Теракотните икони поради својата важност и специфичност, досега се презентирани на повеќе светски изложби, во Австралија, Германија, Словенија, Бугарија, Холандија, Турција, Португалија, Хрватска, Австрија, Русија, Франција, Велика Британија и минатата година во Шпанија, додаде директорката на музејот. свд/бд/

Фото: Вински музеј Кавадарци

Остани поврзан