• среда, 21 јануари 2026

Теодосиевска за МИА: Со многу скромни средства „Киненова“ макотрпно се избори за своето место на меѓународната фестивалска мапа

Теодосиевска за МИА: Со многу скромни средства „Киненова“ макотрпно се избори за своето место на меѓународната фестивалска мапа

Скопје, 21 јануари 2026 (МИА) -

Хатка СМАИЛОВИЌ

Со мотото „Најдоброто од Киненова“ од денеска до 24 јануари во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани избрани филмови од фестивалот „Киненова“, кој во 2025 година одбележа една деценија постоење. Ревијалната програма ќе прикаже филмови, кои, како што најавија организаторите, носат нови авторски перспективи и современи филмски практики, филмови што биле наградени на „Киненова“ и кои со ангажиран и аналитичен пристап отвораат општествени прашања. 

Зимската програма на „Киненова“ во Кинотеката до сабота ќе понуди по две вечерни проекции. Ќе почне вечерва од 18 часот со наградуваниот филм „Исчезнатиот“ на режисерот Арбен Тачи и кинематограферот Владимир Самоиловски. Пред почетокот на ревијата филмови МИА разговараше со Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот, која ги покани сите вљубеници во филмската уметност во овие четири дена да влезат во приказната на „Киненова“

Теодосиевска вели дека иако со многу скромни средства, „Киненова“ макотрпно се избори за своето место на меѓународната фестивалска мапа. За својот придонес во растежот на фестивалот како негов уметнички директор во изминатите пет години вели дека таа само ја надградила веќе зацртаната концепција на „Киненова“ како фестивал „посветен на младите смели автори, кои не се плашат да ги отворат најгорливите и најтешки прашања или да ги дадат најнеочекуваните одговори преку нивниот визуелен јазик“. 

Редовното издание на ИФФ „Киненова, годинава 11-то, ќе се одржи во октомври и во зависност од буџетот имаат намера, вели Теодосиевска, да поканат големи имиња од меѓународната филмска сцена. Покрај организирање проекции и разговори со филмски автори во Скопје, во план е и поинтензивно дисперзирање на фестивалската програма и проекциите во неколку градови во земјата.

Со долгогодишно искуство како филмска критичарка и во еден период директорка на ИФФК „Браќа Манаки“, Теодосиевска се осврна и на филмските фестивали во државава оценувајќи дека „не се создаде доволно критична основа за категоризација на фестивалите“.

-Профилирањето ни оди добро, но не и соодносот кога е во прашање буџетската покриеност. Што се однесува до професионалниот капацитет на организаторите, имам многу дилеми, вели, меѓу другото, уметничката директорка на „Киненова“. 

Од денеска до 24 јануари во Кинотеката на Македонија ќе се одржува филмската ревија „Најдоброто од Киненова“. Што ќе донесе програмата за љубителите на филмската уметност?

- Кинотеката на РСМ, како наш партнер, ги препознава естетските вредности на програмата што ја нудиме. Поголем дел од програмата е конципиран од минатогодишните јубилејни филмски наградени наслови, филмовите на Вук Ршумовиќ, Георге Сикарулиѕе, браќата Араб и Тарзан Насер, Јуре Павловиќ, како и филмовите на нашите лауреати, режисерот и сценарист од Норвешка, Даг Јохан Хагеруд, филмот „Исчезнатиот“ на режисерот Арбен Тачи во чест на нашиот лауреат, на најдобриот македонски кинематографер Владимир Самоиловски, наградуваниот „Татко“ на српскиот режисер, сценарист и продуцент Срдан Голубовиќ, што го претставивме како автор во фокус, потоа еден необичен филм од австрискиот режисер Сандеп Кумар, претставник на новиот бран, и победникот од осмото издание на ИФФ „Киненова“, филмот што во 2023 предизвика големо внимание кај публиката во регионот - „Чувари на формулата“ на сценаристот, режисер и продуцент од Србија, Драган Бјелогрлиќ. 

Во овие зимски денови нудиме вистински филмски празник. Ги покануваме сите вљубеници во филмската уметност да наминат и да влезат во нашата „Киненова“ приказна.

„Киненова“ се организира од 2016 година и веќе е етаблиран филмски фестивал во државава. Што се промени во концепцијата на фестивалот во изминатите пет години откога сте Вие негов уметнички директор?

- Точно така, „Киненова“ излегува од формалната македонска фестивалска шема. Директорот на ИФФ „Киненова“, Небојша Јовановиќ, ме покани да соработувам со тимот во 2021 година. Овој фестивал макотрпно се избори за своето место на европската и меѓународната фестивалска мапа. Иако, за жал, со многу скромни средства, што значи повеќе потценет отколку вистински валоризиран од инстанциите што одлучуваат за буџетот што треба да му се додели на овој фестивал за внимателно да ја реализира креираната програма. Јас само ја надградив веќе зацртаната концепција на овој фестивал, кој е посветен на младите смели автори, кои не се плашат да ги отворат најгорливите и најтешки прашања или, пак, да ги дадат најнеочекуваните одговори преку нивниот визуелен јазик. 

Од почетокот се погрижив за некои навидум мали нешта, што многу значат за естетската промоција на фестивалот, отвороњата и затворањата да бидат организирани, нов дизајн на статуетката што ја доделуваме и нејзино именување, а која многумина помислија дека е скулптура, таа на некој начин е уметничко дело создадено заедно со скулпторот Димитар Филиповски и, се разбира, малку поинаква креатива на фестивалскиот каталог заедно со тимот на „Публицис“. Со Небојша Јовановиќ, со Игор Ангелов и со Невена Поповска создадовме еден непосреден начин на пристап како во контактите и разговорите со гостите така и во вклучување на публиката како скапоцен и неопходен, но и повеќе од потребен соговорник на фестивалските настани и случувања, проекции и непосредни средби со авторите и со некои мои совети што ја допираат програмската содржина. 

Во селекцијата повеќе учествував во 2022 година. Овој фестивал последниве години во Македонија донесе големи светски имиња, филмски автори на кои светот им се поклонува. Тимот колеги што го подготвуваат фестивалот се исклучително посветени професионалци, повеќето од нив исклучителни филмски познавачи, но и страсни филмофили. Знаете, ако немате љубов кон оваа уметност и не знаете основни податоци за филмот и за историјата на филмот, ако не се интересирате, не читате, не гледате филмови, не комуницирате со филмаџии, тогаш не треба да влегувате во ниедна фестивалска приказна, дури ниту како соработник.

Минатата година „Киненова“ одбележа 10 години јубилеј, годинава ќе ја почне втората деценија од постоењето. Кога ќе се одржи 11-тото издание, дали ја подготвивте програмата, ги избравте ли гостите на фестивалот во 2026, може да ни откриете од она што ќе претстои?

- Како што велат Небојша и Игор, октомври е месец на „Киненова“, така што 11. ИФФ „Киненова“ ќе се одржи во октомври 2026, датумите не се докрај прецизирани поради нашата колегијална почит и претпазливост да не се залепиме до некој фестивал пред или по нас. Да оставиме простор за да се запаметат видените филмски приказни и да им се дозволи на новите да нè освојат. Годинава, покрај организирање проекции и разговори со филмски автори во Скопје, имаме намера да продолжиме поинтензивно со дисперзија на нашата фестивалска програма и проекции во неколку градови во Македонија во соработка со општините. Минатата година Општина Охрид беше наш нов пријател, потоа Велес, а годинава очекуваме да ги задржиме новостекнатите пријатели на „Киненова“ и да привлечеме нови. 

Во исто време, се работи на потпишување меморандуми за партнерска соработка со четири меѓународни филмски фестивали, два од Македонија и два надвор од Македонија. Веќе се во тек потпишувањата со три од нив. Ако ни дозволи буџетот, имаме намера да поканиме големи имиња од меѓународната филмска сцена, кои со своите нови начини на раскажување приказни ќе ни отворат нови светови за истражување, но во исто време ќе ги запознаеме со нашата, македонската филмска сцена. Фестивалите се и за тоа, како за промоција на меѓународната филмска индустрија така и за наша промоција пред тие големи филмски имиња. Треба да се погрижиме нашето што сме го направиле да се сподели, да се чуе понатаму, подалеку. А ќе признаете, сите сакаме приказни, но квалитетните филмски стории треба да се пронајдат, да се изберат... Но, ветуваме дека за следното 11. издание на ИФФ „Киненова“ ќе имаме референтни автори и искрени филмски стории, моќни и гласни.

Имате долгогодишно искуство како филмска критичарка и во раководењето филмски фестивали, бевте директорка на ИФФК „Браќа Манаки“. Што мислите за филмските фестивали во земјата, дали тие на домашната публика ѝ овозможуваат да види рецентни и квалитетни филмски дела и нивни автори од светот?

- Секој фестивалски тим, и организаторите и селекторите, се обидува да допре до нова публика со своите програми. Наградените филмови на големите познати фестивали привлекуваат публика секаде. Но, како да се промовира младиот или новиот автор кој штотуку зачекорил во земјата на чудата? Тоа подразбира внимателност поради грижата кон неговото прво филмско дело, но и за публиката. Да се вратам на прашањето, на ова прашање и покрај неговата едноставност, не можам едноставно да одговорам. Во Македонија не се создаде доволно критична основа за категоризација на фестивалите. Профилирањето ни оди добро, но не и соодносот кога е во прашање буџетската покриеност. Да, би рекла дека со своите програми фестивалите се доближуваат до меѓународните фестивали и публиката има можност да види актуелни филмски продукции. Дигиталните платформи, за жал, се новите киносали. Не сакам да помислам дека некои селектори селектираат филмови што ги гледаат на мали екранчиња и еве нека бидат и поголеми, а не во соодветна киносала, каде што им е местото. Некои фестивали имаат добри буџети и ич не му се мислат колку ќе ги чини една проекција на познат филмски наслов, не е ни битно дали го виделе. Организаторите и селекторите на некои фестивали, пак, мора да размислат не два, туку трипати, дали може да си дозволат да го добијат и да го прикажат тој филм посакуван за нивната публика. Дистрибутерите во регионот ги наполнија своите сметки од нашите фестивали. 

Што се однесува до професионалниот капацитет на организаторите, имам многу дилеми. Кај нас во Македонија, во сите општествени сегменти, се отиде по ѓаволите кога се изгуби професионалноста. Секој можеше и може да биде сè и да одлучува во наше име, без разлика колку знае и умее. Затоа, за да ја вратиме таа компетентност, мора сите да се потрудиме, да работиме напорно на урнатите вредности и изгубените критериуми, да ги вратиме тие вредности и да ги надминеме личните интереси ставајќи ги, пред сè, заедничките. Колку сакам да сум оптимист дека барем ќе почнеме така да се однесуваме. Тоа важи и за културата на живеење за тој толку значаен јавен интерес во културата да профункционира, тоа важи и за филмот, за граѓаните како неодминлив дел од промоцијата на оваа уметност.

 

Фото: архиви МИА / ИФФ Киненова

 

Остани поврзан