Тен Хаг опција за тренерската позиција во РБ Лајпциг
- Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг се најде на списокот со неколку имиња кои моментално се фаворити за можен нов тренер на РБ Лајпциг, пренесуваат германските медиуми.
Лајпциг, 3 декември 2024 (МИА) - Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг се најде на списокот со неколку имиња кои моментално се фаворити за можен нов тренер на РБ Лајпциг, пренесуваат германските медиуми.
„Биковите“ добро ја започнаа сезоната под водство на Марко Розе, но во последните четири првенствени натпревари имаат акумулирано три порази и едно реми, што ги спушти на четвртото место. Токму овие неколку недели ја доведоа во прашање иднината на стручњакот на „Ред Бул Арена“.
Самиот Розе е свесен дека е под притисок откако неговиот тим не успеа да оствари ниту една победа во ноември. Лајпциг силно ја започна кампањата во Бундеслигата и изгледаше како да го предизвикува Баерн Минхен за титулата, но отиде во негатива што кулминираше со тешката победа од 5-1 на домашен терен од Волфсбург во саботата.
Ред Бул, сега без победа во шест натпревари по ред, од кои пет порази, утре му гостуваат на Ајнтрахт Франкфурт во третото коло од Купот на Германија, а ова веројатно е нивната последна шанса да останат во трката за трофеј оваа сезона.
-Ни треба победа за да се смири ситуацијата, бидејќи во спротивно ќе додадеме повеќе масло на огнот, изјави Розе на прес-конференција денеска.
Тој е на позицијата повеќе од две години, но според извештаите на медиумите, поразот од Ајнтрахт Франкфурт би можел да резултира со негово отпуштање.
-Смирен сум, со крената глава. Знам што можеме и што ни недостига, рече тој.
Запрашан директно што може да донесе можната тренерска промена, Розе додаде: „Можеби поинакво лице, поинаков пристап. Но, што се однесува до тимот, во моментов нема многу алтернативи“. дс
Фото: Архива