• среда, 25 декември 2024

Тен Хаг ги обвини повредите за тешкиот почеток на сезоната на Манчестер Јунајтед

Тен Хаг ги обвини повредите за тешкиот почеток на сезоната на Манчестер Јунајтед

Манчестер, 25 октомври 2024 (МИА) - Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, уште еднаш ги обвини многуте повредени за тешкиот старт во оваа кампања како и за слабиот развој на играта на тимот.

„Црвените ѓаволи“ претрпеа голем број на повреди во текот на изминатата кампања, а и покрај многуте промени во медицинскиот персонал оваа година, проблемите со повредени повторно се главен фактор.

Вчера 20-кратниот шампион на Англија одигра 1:1 на гостувањето кај Фенербахче, што беше трето реми во три натпревари во Лига Европа. Лошата вест дојде во последните минути од играта кога Ентони заработи повреда и беше заменет од Амад Диало.

Бразилскиот крилен напаѓач ќе им се придружи на Коби Мајну, Хари Мегваер, Мејсон Маунт, Лук Шо, Лени Јоро и Тајлер Маласија, а последните тројца немаат забележано ниту минута од почетокот на оваа сезона.

Надежите на Ерик тен Хаг се дека Џони Еванс, кој не патуваше за Истанбул, ќе биде достапен за неделното патување во Вест Хем. Во составот ќе се врати и капитенот Бруно Фернандеш откако поради суспензија го пропушти мечот со „фенерите“.

-Да, повредите и понатаму не задржуваат и не спречуваат да го достигнеме посакуваното ниво. Тие исто така влијаат на нашата ранг-листа. Кога ги немате играчите на располагање, не можете да играте со вашиот најдобар тим, што е она што не кочи во моментов. Ни требаат повеќе играчи на располагање на подолг временски период. На ова треба да работиме со целиот тим. Играчите, стручниот штаб и сите останати во клубот за да гарантираме дека сите ќе се вратат. Затоа што знаеме дека кога ги имаме на располагање, ние сме навистина тежок тим за играње и можеме да бидеме навистина успешни, како што видовме во последните неколку месеци, објасни Тен Хаг на денешната прес-конференција. дс

Фото: Архива

Остани поврзан