• среда, 25 декември 2024

„Тему“ обвинет за кршење на законите на ЕУ за заштита на потрошувачите  

„Тему“ обвинет за кршење на законите на ЕУ за заштита на потрошувачите  

Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) - Мрежата за соработка во заштита на потрошувачите (ЦПЦ) и Европската комисија по спроведената координираната истрага на европско ниво, заклучија дека сајтот за онлајн трговија „Тему“ користи голем број на практики со кои ги прекршува правата на потрошувачите на ЕУ. 

До „Тему“, кој веќе е под истрага на Европската комисија поради продажба на нелегални производи, е испратено барање за усогласување на своите практики со законите за заштита на потрошувачи на Европската Унија.  

Истрагата заклучи дека „Тему“ користи широк опсег на практики кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда или несоодветно да влијаат на нивните одлуки за купување на стоки преку оваа е-продавница.  

Како конкретни практики со кои се кршат законите на ЕУ се посочени наведувањата да се добие впечаток за намалени цени на одредени производи иако тие всушност не се на попуст, ставањето на потрошувачите под притисок купат одреден производ со лажни тврдења за ограничени количини или рокови, присилувањето на корисниците да играат игра на среќа, изнесување нецелосни и неточни информации за враќање на стоките и добивањето поврат на платените средства, како и оневозможувањето на лесно контактирање со „Тему“ за прашања или поплаки. 

Дополнително, од „Тему“ се побарани информации околу исполнувањето на обврската за информирање на потрошувачите дали продавачот на одреден стока е трговец, за обезбедување на точна пресметка на наведените попусти, како и за утврдување на веродостојноста на наведените прегледи и оценки и на тврдењата за почитување на еколошките стандарди. 

Со истрагата против „Тему“ раководеа белгискиот Генерален директорат за економска инспекција, германската Федерална агенција за животна средина и ирската Комисија за конкуренција и заштита на потрошувачите во координација на Европската комисија. 

„Тему“ има еден месец да одговори на наодите од истрагата, по што врз основа на добиените одговори ќе се донесе одлука за следните чекори, кои може да вклучат и казни. 

Мрежата ЦПЦ ја сочинуваат институциите за заштита на потрошувачите во 27-те земји членки на ЕУ, Норвешка и Исланд и нејзина задача е да го следи почитувањето на законите на Унијата за заштита на потрошувачите и таа има можност во координација со Еврокомисијата да иницира заеднички истражни и извршни постапки. сп/ 

Фото: МИА Архива 

 

 

Остани поврзан