• четврток, 26 декември 2024

Температурата на Антарктикот повторно урива рекорди

Температурата на Антарктикот повторно урива рекорди
Лондон, 13 февруари 2020 (МИА) - Првпат во историјата температурата на воздухот на Антарктикот се искачи на 20 степени Целзиусови. Научниците на антарктичкиот остров Сејмур на 9 февруари измерија 20,75 степени, што е доказ дека температурата во последните години расте со голема брзина. Претходниот рекорд од 19,8 степени бил во 1982 година. Се чека рекордните температури да ги потврди Светската метеоролошка организација. Научниците собираат податоци за температурата на секои три дена, а новиот рекорд го опишаа како „неверојатен и ненормален“. И додека температурите во источниот и централниот дел на Антарктикот се релативно стабилни, во западниот дел загревањето на океанот влијае врз топење на глечерите, што доведува до пораст на нивото на морето. Аргентинската метеоролошка станица „Есперанса“, што е лоцирана во северниот дел на Антарктикот, на 7 февруари измери 18,3 степени Целзиусови. Со тоа беше соборен претходниот рекорд од 17,5 степени Целзиусови измерени во март 2015 година. „Есперанса“ ја мери температурата на воздухот на Антарктикот од 1961 година. Според Светска метеоролошка станица Антарктикот е место каде најмногу е зголемена температурата на воздухот во последните 50 години, при што е забележано пораст на температурата за три степени. ми/

Остани поврзан