• петок, 27 декември 2024

Темистоклеус: Во текот на летото колективен имунитет во Грција

Темистоклеус: Во текот на летото колективен имунитет во Грција
Атина, 29 април 2021 (МИА) – До средината на летото ќе постигнеме колективен имунитет и со вакцинациите и со оние кои прележале, а до крајот на јуни ќе имаме вакцинирано голем дел од популацијата, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус кој е надлежен за процесот на имунизација во земјата, говорејќи за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина. Паралелно, додаде дека очекувањата се до крајот на јуни да бидат вакцинирани 50 отсто од граѓаните. Во однос на следните пратки со вакцини за Грција, Темистоклеус објасни дека од Фајзер, во текот на следниот месец очекуваат над 1,8 милиони дози, а во јуни 2,4 милиони дози, од Модерна по 450.000 месечно, од Астра Зенека 450-500.000 секој месец, а од Џонсон и Џонсон, 300.000 во мај и 900.000 во јуни. Поради достапниот број вакцини на Астра Зенека, од завчера може да се пријавуваат граѓаните од 30 до 39 години, а доцна синоќа се отвори платформата за закажување термин за вакцинација за старосната група од 40 до 44 години. Од првата група, според министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас досега се пријавени 114.873 граѓани, а 10.252 веќе ја примиле првата доза, додека пак од групата 40-44 за само неколку часа се регистрирале 21.706 граѓани. Засега, за двете групи, процесот на имунизација е само со Астра Зенека, а поради зголемениот интерес воведени се дополнителни линии и центри за вакцинација. Во интервјуто за радиото „Скај 100,3“, Кикиљас рече дека до крајот на јуни ќе има можност да се вакцинира секое полнолетно лице. Истакна дека од следната среда, 5 мај, се очекува дневно да се вршат и до 100.000 вакцинации. ср/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан