• сабота, 23 ноември 2024

Кајсторовска за МИА: Во авијацијата е тешко да си жена, но ја остварив целта, жените да не прават компромиси кога се во прашање нивните соништа

Кајсторовска за МИА: Во авијацијата е тешко да си жена, но ја остварив целта, жените да не прават компромиси кога се во прашање нивните соништа

Скопје, 8 март 2024 (МИА) - Уште од мала се воодушевував од небото и од авионите и ми беше позитивен предизвик да ја остварам мојата цел. При остварувањето на мојот сон да работам во авијација се соочував со многу препреки, но не дозволив туѓите мислења да ја попречат мојата детерминација. Порака до жените е да не прават компромиси кога се нивните животи и нивните соништа во прашање, вели за МИА Катерина Кајсторовска, првата и единствена жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во земјава.

Кајсторовска се стекнува со првото летачко искуство на 15 години, кога се запишала на Јатовата пилотска школа во Вршац во Србија, а од 2016 година професионално работи како капетан пилот. Своето школување го има усовршено и со посета на обуката во Стокхолм во Шведска за Боинг 737. Низ годините, Кајсторовска има работено во повеќе компании, меѓу кои „Qatar Airways“, „Air Serbia“, „Bul Air“, „Jetstar Pacific“, Македонски Авиотранспорт. Таа е исто така магистер по човечки ресурси и судски преведувач за англиски и српски јазик.

-Мојот прв обид за летање е кога на само четири години се обидов да летам со чадорот на дедо ми од балконот во домашната куќа. Среќа што летот беше неуспешен, затоа што мојата баба ме спречи во обидот. Таа знаеше дека сум темпераментно дете и ме спречи точно во моментот кога сакав да полетам. Не знам од каде е желбата или поривот да се одлучам за оваа професија, но за мене истата беше позитивен предизвик. Не сум човек кој се помирува со компромиси, секогаш се обидувам да си ја остварам целта, објаснува за МИА Кајсторовска.

На Кајсторовска, првичната цел и била да се запише во средното училиште во Пилотската академија во Рајловац (БиХ), но таа година не примале жени. Па така, на 15 години се запишала на Јатовата пилотска школа во Вршац во Србија.

-Едно попладне татко ми дојде со весникот „Политика експрес“ и ме праша дали ја имам желбата да станам пилот, на што одговорив „Да, секако“. Тогаш прочитав дека им се овозможува на жените во 1990 година да бидат дел од Јатовата пилотска школа, којашто е една од најдобрите во светот. Така почна моето патешествие и мојот прв успешен лет всушност е на 15 години, во Југославија во Вршац, појасни Кајсторовска за МИА.

Како што објаснува, во 2001 година се стекнала со Професионална пилотска дозвола и овластување за инструметално летање, и своето школување го продолжила на обуката во Стокхолм во Шведска.

- Две години се обидував да најдам работа безуспешно се додека еден ден не отидов во МАТ. Таму го запознав капетанот Петар Балог, му ја раскажав мојата приказна и го замолив да ми помогне. После некое време ми се јави и ми кажа дека е решено да ми се овозможи школување на Боинг 737. И во овој период се соочував со предрасуди од типот дека сум жена и дека е тешко да се успее во оваа професија, но јас настојував да ја исполнам својата цел. По обуката во Шведска, продолжив во Сингапур, додава Кајсторовска.

На прашање колку е тешко жена да успее во професија која уште се смета за машка професија, Кајсторовска е децидна дека е тешко да си пионер во секоја професија, но во авијацијата е особено предизвикувачко, затоа што е мал бројот на жени капетани во светот - само три проценти од светската популација.

-Се соочував со стереотипи но јас ги рушев постојано. Потребно е сите да имаме еднаков третман во секоја професија, но во авијацијата е особено тешко затоа што е мал бројот на жени капетани во светот - само три проценти од светската популација. Јас сум една од ретките луѓе на кои што сонот им се исполнил. Ова беше мојот сон и покрај тоа што се соочував со многу препреки на мојот пат, не дозволив туѓите мислења да ми влијаат на моите мисли и на мојата посветеност да го остварам тоа што сакам, посочи Кајсторовска.

Од коментарите со кои се соочила за време на нејзиното школување, таа ги посочи „жената е повеќе за во кујна“, „зошто се печеш тука под падобран на стартна линија, кога за овие пари можеш да отидеш некаде на одмор“. Но, појасни, туѓите идеи и размислувања воопшто немале влијание врз нејзините избори.

- Јас сум своја. Јас сум индивидуалец од кога знам за себе и имам свој начин како да се справам со коментарите од другите луѓе, додава Кајсторовска.

Таа признава дека се има соочено со дискриминација од нејзиниот колега од Малезија, кога работела во „Qatar Airways“, кој ја игнорирал и не разговарал со неа за време на целиот лет.

-На колегата од Малезија му сметаше да работи со жена. Многу е тешко кога треба да се докажувате во светот на мажите. Во моментот на дискриминација најчесто останувам смирена. Чувството на дискриминација е неубаво и понижувачко, но јас се водам по паролата дека квалитетот секогаш излегува на површина, вели Кајсторовска за МИА.

Нејзината порака до жените е да веруваат во својот сон и да не прават компромиси кога се нивните животи и нивните соништа во прашање.

-И покрај тоа што се соочував со многу препреки на мојот пат, сепак не дозволив туѓите мислења да влијаат на мене. Се чувствувам задоволна од тоа што го имам постигнато. Девојките кои имаат амбиции да работат во авијација ги советувам да веруваат во себе и во своите способности и да не потпаѓаат под туѓо влијание, додава Кајсторовска.

Бисера Трајковска

Видео Андреј Бранковиќ

Фото Андреј Бранковиќ и архива на Катерина Кајсторовска

Остани поврзан