• среда, 25 декември 2024

Паушални информации за пчеларење на социјалните мрежи, фалсификуваниот мед се уште актуелен проблем

Паушални информации за пчеларење на социјалните мрежи, фалсификуваниот мед се уште актуелен проблем

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Фалсификуваниот мед, исплатата на субвенциите и нивната висина, пласирањето научно непоткрепени техники на одгледување пчели преку социјалните мрежи, недоволната организираност на фелата, неусогласеноста на статистичките податоци и недоверливоста во официјалните бројки, се само некои од проблемите со кои се соочуваат македонските професионални пчелари.

Тие се донекаде задоволни од цената на медот која засега изнесува минимум 600 денари за килограм. За претстојните приноси не зборуваат однапред, но порачуваат дека е клучно при пчеларењето да се запазат техниките базирани на добрата пчеларска пракса и на претходно зацртаниот план за производство во сезоната. 

Засега, велат, во пчеларството нема сериозно лидерство кое ќе ги претставува нивните ставови пред институциите и кое ќе работи на подигање на статусот на секторот на повисоко ниво. 

-Пчеларскиот сектор во земјава не може да се пофали со статистика која може да им парира на пчеларски понапредните и поразвиените држави во Европа и во светот, но последниве неколку години забележителни се одредени позитивни промени во повеќе сегменти од домашното пчеларство. За жал, се уште има „стари рани“ кои се провлекуваат низа години и уште се актуелни, но има и нови проблеми, оценува Горан Алексовски, член на здружението „Македонска пчела“ (MacBee) и дел од тимот на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели при Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).   

Во разговор за МИА, Алексовски нагласува дека и покрај сите предизвици, интересот за одгледување пчели не се намалува.

Пчеларите незадоволни од реализацијата и висината на субвенциите

Според него, ненавремената исплата на субвенциите во пчеларството е една од причините за незадоволство кај пчеларите.

-Субвенциите не доаѓаат во време кога ни се најпотребни. Нивната висина е за посебна дискусија, бидејќи не соодветствува со поскапувањата на цените на репроматеријалите и опремата кои се користат во пчеларството, а кои се случија последниве години. Од друга страна, јавна тајна е дека овој модел на субвенционирање не води кон развој на секторот, бидејќи и покрај неговата долгогодишна примена, производството на мед и пчелни производи се нема поместено од почетната точка пред субвенционирањето на пчеларството иако од тогаш бројот на пчелните семејства во Македонија е зголемен за повеќе од 200 - 300 отсто, објаснува Алексовски.

Проблем се, укажува, и бројките.

-Не само ние, пчеларите, туку и јавноста не може да добие конкретна бројка на одгледувачи на пчели и пчелни семејства на територијата на државата, зашто, очигледно, ниту институциите не можат да дојдат до бројката. Постои неусогласеност во изворите на податоци за капацитетите на пчеларскиот сектор, па така од неколку национални институции се добиваат различни статистички податоци што често пчеларската јавност, но и обичните граѓани ги наведува на сомнежи за нивната веродостојност, а најчести се сомнежите поврзани со исплатите на субвенциите. Точните статистички податоци се од големо значење и се поврзуваат со креирањето на пчеларски стратегии и политики, со катастарот на пчелна паша и густината на разместеност на кошниците со пчели, со контролата на спарување на пчелните матици, со притисокот и влијанието на пчелите врз другите видови опрашувачи,..., вели Алексовски.

Тој открива и дека пчеларите се колективно незадоволни од неорганизираноста во сопствениот сектор. Иако во моментов паралелно делуваат два национални пчеларски субјекта, тие, вели, обединуваат само мал дел од македонските пчелари, а бенефитите од нивното работење речиси и не се чувствуваат. 

Паушални информации за пчеларење на социјалните мрежи

Уште еден реален проблем со кој се соочуваат пчеларите, се паушалните информации на социјалните мрежи.

-Наш реален проблем, особено со популаризацијата на социјалните медиуми, е пласирањето, промовирањето и пропагирањето на научно непоткрепени пчеларски техники или методи, целосно спротивни на биологијата и физиологијата на македонската медоносна пчела и спротивни на нашите услови на пчеларење. Поради ризикот што го носат ваквите информации, особено е битно за почетниците во пчеларењето, но и за останатите категории пчелари, да остваруваат тесна соработка со домашните научно-истражувачки институции од областа на пчеларството и постојано да се држат блиску до науката, истакнува Алексовски.  

Но, и покрај економските миграции и одливот на луѓе од државата, посебно на младите, засега, како што вели Алексовски, интересот за одгледување пчели не оди во надолна линија. 

-Се забележуваат одредени напори и активности за промовирање и пропагирање на пчеларењето меѓу младите луѓе и тоа е за поздрав. Такви активности презема ФЗНХ кој преку повеќе предмети за пчелите и пчелните производи и преку различни проекти и програми за размена, успешно ги воведува студентите во пчеларството. Улога во регрутирањето на нови пчелари имаат и локалните пчеларски здруженија. На ова поле работат и повеќе граѓански организации, а една таква е и АДРА Проектот „Жените пчелари двигатели на позитивни промени во Македонија“, финансиран од Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, акцент става на правилната едукација и обука, како и на обезбедување пчелни семејства, кошници и неопходна пчеларска опрема за 30 млади лица, претежно жени од руралните делови на два плански региона во земјава. Проектот предвидува и Парк на пчелата кој е во фаза на изградба во кругот на ФЗНХ, а намената е едукација на студентите, пчеларите, но и граѓаните кои сакаат да дознаат повеќе за медоносните пчели и другите опрашувачи, информира Алексовски. 

Фалсификуван мед

Фалсификуваниот мед е постојано актуелен проблем. Алексовски смета дека кога се зборува на таа тема, најчесто прстот се вперува кон увезениот мед. 

Според Државниот завод за статистика, во 2023 година, земјава увезла вкупно 248 531 килограми мед во вредност од 781 308 евра. Потеклото на тој мед е од Турција, Србија, Нов Зеланд, Молдавија и Грција. 

-Знаејќи го фактот дека најголем дел од овие земји не се пчеларски анонимуси и котираат високо во групата на пчеларски развиени нации и имајќи предвид дека тој мед за да стигне на продажните рафтови мора да ги помине сите законски поставени бариери и да исполнува одредени барања во однос на неговиот квалитет и состав и покрај тоа што нашите законски регулативи во овој дел оставаат простор за манипулирање, тогаш најверојатно прстот треба да го впериме во домашните фалсификатори. Тие се обврска на надлежните власти, а ние како пчелари можеме само да ги поттикнуваме истите да прават почести контроли на пазарите и полиците. Но, необединетоста на пчеларите пред надлежните институции остава впечаток на рамнодушност кон ова прашање, што им овозможува на фалсификаторите отворен пат до потрошувачите, вели Алексовски. 

Тој предупредува дека исто толку штетно за здравјето на потрошувачите, колку што е консумирањето фалсификуван мед, е и користењето мед од пчеларници во кои при различни пчеларски техники се користат разни синтетички средства.

-Во вакви случаи, во кошниците може да има остатоци (резидуи) од синтетичките средства кои потоа ги контаминираат пчелните производи. Овие синтетички остатоци можат да го загрозат здравјето на консументите, па поради тоа во светот, а се почесто и кај нас, расте трендот на исфрлање на овие препарати од пчеларството и на користење алтернативни биотехнички методи и техники. Ние, како пчелари, имаме обврска кон потрошувачите, постојано да им укажуваме на предностите од купување и користење чисти пчелни производи, пред се од локалните одгледувачи, да бидеме отворени кон нив, да ги поканиме на пчеларниците и да им ја доближиме нашата работа. Тоа е единствениот начин ние да добиеме редовни потрошувачи, а тие постојан снабдувач на здрави пчелни производи. Ова значи дека треба да се стремиме и кон вклучување на апитуризмот во нашето делување, а како добар пример ја имаме Словенија, нагласува Алексовски.

Каква ќе биде 2024 година во однос на производството?

Годинава имавме умерена зима со повремено топли денови. Пчелите често можеа да вршат прочистителни летови со што беше намален ризикот од појава на одредени болести во пчелните семејства. Немаше ризик од недостиг на храна во близина на пчелното гнездо, а загубите на пчелните семејства во текот на зимата, според истражување спроведено од Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели при ФЗНХ, не ги преминуваат критичните вредности. Во топлите зимски денови пчеларите добија прилика набрзина да ѕирнат во кошниците со симптоматични и нетипични појави и по потреба соодветно да интервенираат. 

- За приносите е невозможно да се зборува однапред, но, препораката е пчеларите да се држат до техниките на пчеларење, базирани на добрата пчеларска пракса и на претходно зацртаниот план за производство во сезоната, напоменува Алексовски. 

Засега развојот на пчелните семејства оди без посериозни пречки, но она на што одгледувачите треба да обрнат внимание, е бурниот развој на пчелните семејства во наредниот период, задоволување на потребите на пчелите со храна и вода и обезбедување доволно простор во кошницата со запазување на микроклимата. 

Медот денес се повеќе се користи како лек, отколку како храна. Трошиме само 700 грама годишно по глава на жител, за разлика од Германија која троши девет килограми или Јапонија 16 килограми п

-Од особено значење во овој период е и соработката со овоштарите и подигање на свеста за исфрлање на пестицидите и антибиотиците од нивната пракса на работење, како и избегнување на прскањето на овошките во фаза на цветање. Хемиските препарати и антибиотиците преку нектарот и поленот лесно можат да се најдат во кошницата и да ги контаминираат пчелните производи, со тоа да го загрозат опстанокот на пчелното семејство, но и здравјето на потрошувачите, порачува Алексовски. 

Македонска медоносна пчела 

Тој се осврнува и на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica). Се повеќе пчелари, вели, ја разбираат важноста од нејзиното одгледување. Се работи за подвид на медоносна пчела, автохтон за ова поднебје и целосно прилагоден на климатските услови и изворите на храна. 

-Здружението во кое членувам, „Македонска пчела“ (MacBee), уште од почетокот на своето формирање сериозно се впушти во спроведување активности за зачувување, промоција и унапредување на македонската медоносна пчела. Дел од тие активности ја вклучуваат и кампањата „Одгледувам македоника, одгледувам наше“ која MacBee ја почна пред неколку години и која има токму за цел подигање на јавната и институционалната свест за значењето и предностите од одгледувањето на македонската медоносна пчела и ризиците кои ги носи одгледувањето на неавтохтони подвидови на медоносни пчели кои во најголем дел нелегално се внесуваа во државата, истакнува Алексовски. 

Уште еден позитивен аспект за македонското пчеларство, но истовремено и од големо интернационално значење, додава, е новоотворената лабораторија за биологија и селекција на медоносни пчели при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј тим е вклучен и тој. Лабораторијата е отворена со поддршка на Факултетот и приватна пчеларска компанија од Скопје, има модерна опрема за едукација на студенти и пчелари, како и апаратура и техника за спроведување научни истражувања и експерименти поврзани со медоносните пчели, а овозможува и инструментално осеменување на пчелни матици. 

- Пчеларењето знае да биде вистински предизвик зашто често зависи и од други фактори, не само од она што ќе се сработи на пчеларникот. Пчеларот треба да знае како да се справи со таквите предизвици, зашто рентабилноста на интензивното пчеларење не простува грешки и секој пропуст значи економска загуба за пчеларското стопанство. Современ пчелар не може да се замисли без практикување на селидбено пчеларење, диверзификација на пчеларското производство, и најбитно, без континуирана едукација, подвлекува Алексовски. 

Зголемена потрошувачката на мед во земјава

Последнава деценија и пол, според Државниот завод за статистика, во земјава е забележана зголемена потрошувачка на мед по глава на жител, која од 0,5 килограми во 2005 година, достигна 0,9 килограми во 2022 година.

За споредба со земјите во опкружувањето, според ФАО, во Словенија се трошат над 1,6 килограм мед по жител годишно, во Грција 1,5, а во Црна Гора 1,1 килограм по жител годишно. 

Лани регистрирани 306 415 пчелни семејства и 6 918 одгледувалишта

Податоците од АХВ покажуваат дека минатата година биле откупени и преработени 331 838  килограми мед и други пчелни производи во одобрени објекти. Увезените количини, пак, изнесуваат 262,4 тони, додека извезените 40,6 тони.

Мед, полен, матичен млеч, прополис, мешавина на мед со лековити растенија и природна козметика од мед, се само дел од палетата производи што ги нуди годинашната манифестација „Денови на макед

По спроведениот попис, во 2023 година имало 306 415 пчелни семејства и 6 918 одгледувалишта. 

Најмногу мед, 179 881 килограм, е увезен од Србија. По неа следуваат Молдавија со 77 045 килограми, Турција со 5 160, Грција со 250 и Франција со 87 килограми. Најмногу, пак, сме извезле во  Косово, 30 713 килограми, во Црна Гора 6 480 и во БиХ 3 173 килограми. Мед е извезен и во Обединетите арапски емирати, вкупно 275 килограми.

Поддршката по 600 и 800 денари за пчелно семејство

На 29 февруари годинава на 5 234 пчелари им беа исплатени вкупно 157,3 милиони денари финансиска поддршка или по 600 денари за пчелно семејство.  

Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои поседуваат минимум 10 пчелни семејства и го одржувале бројот на пчелни семејства до 30 ноември 2023 година.

Земјоделските стопанства кои имаат пријавено над 50 регистрирани презимени пчелни семејства и се евидентирани или регистрирани во АХВ како примарни производители на производи од животинско потекло или се одобрени од АХВ како оператори со храна или имаат предадено мед во објект одобрен од АХВ, ќе добијат дополнителна финансиска поддршка од 200 денари по презимено пчелно семејство со што вкупната финансиска поддршка за оваа категорија пчелари ќе изнесува 800 денари по пчелно семејство. 

Мирјана Чакарова

фото: МИА архива и Горан Алексовски

 

Остани поврзан