• недела, 17 ноември 2024

Северна Македонија единствена во регионот без уставна жалба, со неа се избегнуваат долгите постапки пред ЕСЧП

Северна Македонија единствена во регионот без уставна жалба, со неа се избегнуваат долгите постапки пред ЕСЧП

Скопје, 26 ноември 2023 (МИА) – Непостоењето на уставна жалба на граѓаните им ја ускратува можноста да покренат постапка пред Уставниот суд за прекршување на многу права и слободи како што се загадувањето, прислушувањето, прекршувањето на правото на наследство, мајчинство, сопственост... 

Доколку Северна Македонија ја воведе уставната жалба, граѓаните пред да се жалат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе бидат должни прво да поднесат жалба пред Уставниот суд. Тоа пред се ќе значи избегнување на долги постапки пред Европскиот суд за човекови права, како и заштеда на пари.

-Изминатите триесетина години архивата на Судот бележи стотици пропаднати барања бидејќи не се заштитило некое право или некому му била ускратена слободата по конкретен основ само затоа што Уставниот суд нема надлежност да одлучува по сите основи, освен по еден член а тоа е 110 алинеја 3 од Уставот. Уставно-судската пракса во овој поглед лоцира сериозна аномалија при отсутност на заштитни механизми, вели претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Уставната жалба е правен инструмент чија цел е граѓаните многу побрзо да дојдат до правдата, а Уставниот суд ќе може веднаш да разгледа или да одлучи  дали некој закон или законска постапка на што би се жалел граѓанинот, е во согласност со Уставот.

Северна Македонија осамена по прашањето за уставна жалба во регионот 

Северна Македонија, исто како и останатите пет југословенски држави делеа ист политички систем и по формирањето на независни држави, се соочија со предизвиците за формирање на самостојни органи и институции со строга поделба на власта.

-Но сите не дадовме ист одговор на потребите на граѓаните да ги остварат уставно загарантираните права. Согледувајќи го искуството во регионот, Македонија остана осамена токму по прашањето за уставната жалба, истакна Кацарска на завршната регионална конференција на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“ што се одржа неодамна во Скопје со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна заштита – ИРЗ.

Во Србија овој механизам е воведен уште во 2006 година. 

Претседателката на Уставниот суд на Србија, Снежана Марковиќ, говорејќи за предизвиците со кои се соочиле при воведувањето на овој правен инструмент, посочи дека уставна жалба може да поднесе секое правно или физичко лице кое смета дека со поединечен акт или со дејствие на државен орган се повредуваат човековите права и слободи  загарантирани со Уставот.

Советникот во Уставниот суд на БиХ,  Фрањо Драгичевиќ пак истакна дека ЕСЧП во Стразбур досега нема утврдено повреда на правата на граѓани за судење во разумен рок од страна на босанскиот Уставен суд.

Недостиг на волја кај политичките чинители за воведување уставна жалба

Во недостиг на волја и препознавање на важноста на овој правен инструмент од страна на политичките чинители и претставници од сите партии во Парламентот, поддршка за воведување уставна жалба во земјава, како што рече претседателката на Уствниот суд Добрила Кацарска, добиле од ИРЗ кои со одобрение од германското Министерство за надворешни работи вложиле финансиско-експертски капацитети и помогнале да се изработи студија за уставната жалба или меѓународно позната како уставна тужба.

Оваа студија е резултат на неколкугодишната соработка помеѓу Судот и ИРЗ, а ќе даде насока за воведување на уставна жалба со којашто граѓаните на Северна Македонија ќе имаат можност да се жалат до Судот за сите уставно-загарантирани права.

-Ако ги слушате политичарите и ако им поставите прашање дали поддржуваат уставна жалба, воведување на овој институт во интерес на граѓаните, сите поединечно, а и како политички партии, ќе ви речат дека силно го поддржуваат, но кога ќе дојде моментот ова да се спроведе во пракса, таква волја не гледам кај политичарите. Не знам која е причината и зошто тој отпор да се направи нешто буквално за сите граѓани во државата, вели Кацарска.

Сепак, како што посочува таа, безрезервна поддршка во однос на ова прашање имаат од претседателот на државата Стево Пендаровски и првиот човек на Министерството за правда Кренар Лога.

На првиот брифинг со медиуми како министер, Лога денеска посочи дека во Министерството за правда не нашол ниту една буква или документ за ветингот и нагласи дека стои на ставот дека мора да и

-За конкретните прашања поврзани со овој процес, Министерството за правда во целост ги поддржува ставовите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а ние како надлежно Министерство ја искажуваме нашата подготвеност да го поддржиме целокупниот процес на уставни измени и обезбедување на сите неопходни услови за примена на овој институт во практиката, изјави за МИА министерот за правда Кренар Лога.

Министерството за правда, како што посочува Лога, целосно се согласува со ставовите на Венецијанската комисија изнесени во мислењето по Предлог амандманот од 2014 година, согласно кое Комисијата смета дека воведувањето на нова мерка од овој вид бара внимателна подготовка,  донесување на правна регулатива, развој на нови методи на работа, вработување и обука на вработените правници и асистенти....

- Како што се наведува во мислењето на Венецијанската комисија, во некои земји пред воведувањето на такво средство за заштита претходел подолг подготвителен период во кој би се создале сите предуслови за примена на овој институт. Во таа насока, Венецијанската комисија во тогашното мислење истакнала дека ваква измена на Уставот би била добредојдена, но исто така не би требало да влезе во сила веднаш, од причина што би било потребно да се направат неопходни подготовки, како и промена на сооведните закони, појаснува Лога.

Како министер за правда  посебно ја истакна досегашната соработка со Уставниот суд во насока на остварување на целосна транспарентност во работата што придонесува, како што вели, кон јакнење на демократијата.

-Во таа насока се и заложбите на Министерството за правда за поддршка на активностите на Уставниот суд за отворање на процесите за можно воведување на уставната тужба во нашиот правен систем, вели Лога.

Безрезервна поддршка на Уставниот суд за воведување на уставна жалба дава шефот на државава Стево Пендаровски.

-Иако досега постоеја повеќе иницијативи за измена на Уставот во оваа насока, за жал, цела серија парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусиите за измени на Уставот, со цел, воведување на уставната тужба завршуваа во партиско-политички пазарења и надмудрувања за сосема други прашања кои немаат никаква врска со темата, истакна Пендаровски на конференцијата. 

Тој се надева дека во блиска иднина освен стручната јавност, и политичката јавност ќе ја разбере важноста од воведување на уставната жалба како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи.

Според политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, воведувањето на уставна жалба е задоцнета иницијатива на претседателот Пендаровски.

- Ова е задоцнета иницијатива на Стево Пендаровски по цели четири години, откако Уставот го направија „решето“. Во таа насока, Стево Пендаровски требаше да има став за многу поважни работи отколку да се занимава со озборување и празни анализи. Во мандатот на Пендаровски, Македонија минуваше и минува низ тешки политички, економски, инфлаторни, со социјални и општествени прашања, кризи и поделби, но тој одбра на истиот начин до крај да го заврши мандатот на оваа функција, со празни несуштински анализи и озборувања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поддршка за иницијативата за воведување на уставна жалба во земјава дава и германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер.

-Северна Македонија ја има сигурната поддршка на Германија, а тука се подразбира и поддршката за Уставниот суд. Се приклучувам заедно да се бориме за довербата на граѓаните во правниот систем и во правосудството, порача Дрекслер.

Раководителот на проектот од ИРЗ, Штефан Пирнер на конференцијата испрати порака до сите чинители кои можат да придонесат уставната жалба да биде дел од Уставот, како делотворен правен лек со чија помош граѓаните ќе добијат уште една можност да се обратат во Уставниот суд за секое право, пред да тужат во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

-Ниеден политичар нема да ги расипе односите со граѓаните затоа што ќе се залага за уставната жалба, напротив тие ќе бидат среќни и бенефит од овој инструмент ќе имаат сите. Ако ви треба поддршка од Германија, бидејќи ние сме земјата на уставната жалба, сметајте на нас. Сите правници се сложни дека е потребна уставната жалба, ситуацијата како што е сега, е системска грешка. Онаму каде што можам да учествувам како граѓанин, повеќе се идентификувам и затоа е уставната жалба важно средство за еден вид на граѓанско самоуправување, бидејќи на тој начин учествува во креирање на правото. Знаеме дека патот е долг и треба да се изоди, но ние нема да го поминеме молчешкум, рече Пирнер.

Според германскиот експерт Винфред Шуберт, кој е поранешен претседател на покраински Уставен суд во Германија, во Северна Македонија најбитно е да се воведе закон за Уставниот суд и на тој начин, како што рече „најјасно и најтранспарентно да се објасни самата уставна жалба“.

-Јас напишав студија за состојбата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во која доаѓам до заклучок дека основи за воведување на уставна жалба имате, бидејќи во вашиот Устав во член 110 е вкоренета таа можност, можноста за заштита на човековите права. Значи уште сега без било какви други дополнителни мерки можете да ја воведете уставната жалба, вели Шуберт.

Тој информира дека бројките на поднесоци до Уставниот суд на СР  Германија се слични како и оние кои беа наведени на конференцијата во случајот со Уставниот суд во Босна и Херцеговина, односно дека 95 проценти од сите поднесоци на Сојузниот уставен суд, се уставни жалби.

Уставниот суд на Република Северна Македонија во моментов има надлежност да постапува единствено по барања за одредбите кои ја забрануваат дискриминацијата, правата на политичко здружување и дејствување на граѓаните и правата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Даниела Маркоска Алексовска

 

Остани поврзан