Мотивацијата на спортистките под влијание на нееднаквите плати, во државава не постојат податоци за финансискиот надоместок на жените и мажите во спортот
- Во светот на спортот, нееднаквоста на платите меѓу спортистките и спортистите е долгогодишен проблем кој никако да се реши. И покрај значајните достигнувања и успеси на спортистките, нивните приходи често заостануваат зад оние на нивните машки колеги. Оваа разлика во платите не само што ја одразува родовата дискриминација, туку и ја поткопува вредноста и придонесот на жените во спортот.
Скопје, 1 декември 2024 (МИА) - Во светот на спортот, нееднаквоста на платите меѓу спортистките и спортистите е долгогодишен проблем кој никако да се реши. И покрај значајните достигнувања и успеси на спортистките, нивните приходи често заостануваат зад оние на нивните машки колеги. Оваа разлика во платите не само што ја одразува родовата дискриминација, туку и ја поткопува вредноста и придонесот на жените во спортот.
Светските статистики велат дека без разлика дали професионалните играчи добиваат плати или индивидуални награди од натпревари, спортистите во повеќето спортови заработуваат од 15 до речиси 100 проценти повеќе од спортистките. Иако компензацијата за жените се подобрила во последната деценија, јазот сè уште постои, дури и кај најплатените играчи во светот.
Според Бојана Јовановска, феминистка и истражувачка, главните причини за постоењето на родовиот јаз во платите меѓу спортистите и спортистките е историската нееднаквост меѓу мажите и жените.
- Генерално, родовиот јаз во спортот е резултат на историската нееднаквост помеѓу жените и мажите, имајќи предвид дека учеството на жените во професионалниот спорт е официјализирано значајно подоцна, што креира историска празнина во однос на поддршката на жените спортистки од било кој аспект. Родовиот јаз во платите во спортот произлегува од разликите во инвестициите во спортот и медиумското покривање, бидејќи спортовите во машка категорија добиваат значително повеќе гледаност, па оттука и спонзорства и финансии. Спортот во женска категорија сѐ уште се бори со културни предрасуди, при што родовите стереотипи го девалвираат нивниот труд и компетитивност, а со тоа и нивната пазарната вредност, вели таа.
Силвија Митевска, директорка на Спорт Соушал Солушнс, вели дека токму родовиот јаз во платите на спортистите и спортистките, влијае во голема мера на мотивацијата на жените што се решаваат да спортуваат.
- Машката репрезентација, особено во тимските спортови, и женската репрезентација се различно платени. Тоа влијае врз целата професионализација на спортот во женска категорија. Знаеме дека спортистките имаат помали плаќања со кои е речиси невозможно да се преживее, па затоа тие често мора да работат и втора работа или мора да бидат некаде хонорарно вклучени, што, пак им остава помалку време да може да се посветат на професионалната кариера, вели Митевска.
Дополнува дека спортот во женска категорија сè уште се смета за хоби поради недоволните примања и нагласува дека дека мора да се следи патот на буџетот и да се вложува во спортот во женска категорија за да се постигнат резултати.
- Знаеме дека стипендијата што се доделуваше од Агенцијата за млади и спорт, изминатите пет години, колку што имаме статистика, речиси двојно повеќе ја имаат добиено момчиња, отколку девојчиња. Со тоа уште од млади години праќаме порака до девојчињата и жените дека, едноставно, не треба да гледаат кариера во спортот. Мора да го смениме ова. Досега сме креирале некоја неатрактивна, негативна спортска клима, во која жените не очекуваат и не гледаат спортска кариера, бидејќи поинаку не може да се очекува никаква професионализација во спортот, вели Митевска.
Јовановска, пак, дополнува дека можностите и условите за тренинг во голема мерка зависат од финансиската поддршка, а оттука и резултатите и успехот.
-Колку и да сте мотивирана и талентирана, нееднаквиот третман и поддршка, дури кога ќе постигнете подобри резултати од вашите машки колеги, неминовно ќе влијае и на вашата мотивација. Исто така, ако имаме предвид дека, особено во традиционално патријархална средина како нашата, жените се главниот носител на грижата за домот, особено кога станува збор за децата, непостоењето на системска поддршка за бавење со спорт и едноставно неисплатливоста, многу често не им остава избор на спортистките освен да ја напуштат спортската кариера. Парадоксално, ова често се користи како изговор од страна на спортските организации дека нема доволно финансиска поддршка за жените во спортот заради тоа што нема доволно спортистки дека жените се повеќе склони кон откажување, вели таа.
Во ера на историски чекори кон еднаквост, македонските спортски федерации не ги откриваат податоците за примањата на спортистите
Во последните години, борбата за родова еднаквост во спортот доби значителен замав, со повеќе фудбалски федерации и спортски организации кои преземаа конкретни чекори за обезбедување еднакви плати и услови за женските и машките спортисти. Во 2022 година, Фудбалската федерација на САД постигна историски договор за еднакви плати и бонуси, кој следеше по тужбата поднесена од 28 членки на Женската фудбалска репрезентација на САД за дискриминација врз основа на пол. Овој договор е само дел од глобалниот тренд кој започна во 2020 година, кога Англија и Бразил објавија дека нивните фудбалски национални тимови ќе добиваат иста плата, а продолжи со Ирска во 2021 година и Велс во 2023 година. Дополнително и Светската лига на сурфање и Крикет Австралија воведоа политики за еднакви награди и плати.
И додека низ светот се изедначуваат примањата на спортистите и спортистките, во државава не постојат податоци за финансискиот надоместок на жените и мажите во спортот.
По подолго инсистирање на одговори од четири наши спортски федерации, податоци за состојбата со плаќањето на спортистите и спортистките кај нас добивме само од една - Одбојкарската федерација на Македонија.
Оттаму ни посочија дека средствата од државните субвенции ги одредува Министерството за спорт во согласност со остварен пласман во соодветното натпреварување. Во однос на разликите во наградите и бонусите за постигнувања на меѓународни натпревари меѓу машките и женските спортисти одговорија дека постојат, но единствено во однос на остварен успех, односно категорија на натпреварување.
На прашањето во насока на спроведување на мерки и политики за изедначување на платите и условите за машките и женските спортисти одговорија дека како Федерација активно учествуваат на работилници и предавања во врска со родова еднаквост во спортот.
-Можеме да потврдиме дека тоа е област на која посветуваме внимание, а во однос на условите на машките и женските спортисти апсолутно се трудиме двете селекции да имаат еднакви услови и третман, одговорија оттаму.
Фудбалската федерација на Македонија, Кошаркарската федерација на Македонија и Ракометната федерација на Македонија не одговорија на нашите прашања за нееднаквоста на примањата на репрезентативките и репрезентативците.
Министерството за спорт со акциски план за еднаквост
Одговорите што ги добивме од Министерството за спорт во однос на мерките што ги преземаат за да се осигура еднаквост на платите помеѓу спортистите и спортистките во нашата земја беа дека Министерството за спорт како и сите државни органи, спроведуваат утврден Акциски план, по кој се реализираат и соодветни активности, согласно Законот за родова еднаквост меѓу мажите и жените, Национална стратегија за период од 2022 до 2027 година.
Оттаму најавија нова државна помош за спортот од околу 100 милиони денари, од кои, како што велат, околу 50 проценти ќе одат за развој на женскиот спорт и тоа ќе опфаќа финансиска помош за женски тимови, индивидуални спортистки и проекти кои промовираат родова еднаквост.
Во однос на прашањето дали постојат конкретни програми или иницијативи кои се насочени кон намалување на разликата во платите помеѓу машките и женските спортисти, од Министерството за спорт велат дека е планирано поттикнување и поддршка на активности за зголемување на вклученоста на жената во спортот во сите сегменти.
Покрај финансиската поддршка, како што дополнуваат, начините на кои ќе ги поддржат спортистките во нивните напори за постигнување еднакви услови и плати како нивните машки колеги се изградба на спортска инфраструктура која е еднакво достапна за сите, организирање на настани кои ги промовираат женските спортисти, како и обезбедување на правна и институционална помош за нив.
Министерството за спорт одговори дека нема податоци за тековната состојба на платите помеѓу спортистите и спортистките и како тие податоци се користат за креирање на политики.
-Министерството за спорт, досега нема ваков тип на податоци поврзани со состојбата на плати меѓу спортистите и спортистките. Во наредниот период ќе настојуваме да се прибават информациите со кои располагаат националните спортски федерации во однос на ова прашање, согласно надлежноста и ингеренциите кои што ги има Министерството за спорт, посочија оттаму.
Усогласување на законите и родови квоти за еднакви можности во спортот
Анализата „Родовите дезинформации препрека за жените во спортот“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС) покажува дека и покрај фактот што едно од најзначајните достигнувања на овогодишните Летни олимписки игри беше тоа дека официјално е достигната родовата еднаквост преку еднакво бројно учество на мажите и жените во спортските игри, во светот сè уште не постои целосна родова еднаквост и рамноправност во спортот.
Според извештајот за Глобалниот родов јаз на Светскиот економски форум, се проценува дека ќе бидат потребни уште 131 година за да се постигне целосна родова еднаквост низ светот. Но културните и социјалните норми сѐ уште се водат од родовите стереотипни очекувања од жените и девојчињата.
Според Јовановска, потребно е усогласување на законите и подзаконските акти во спортот со меѓународната и националната регулатива за еднакви можности и заштита од дискриминација и родово базирано насилство. Таа препорачува воведување родови квоти во спортските институции и организации, како и државна финансиска поддршка и инфраструктура за спортистките. Исто така, вели дека е потребно родово сензитивизирање на сите чинители, вклучително и медиумите.
- Само на овој начин ќе им дадеме вистинска можност на спортистките го остварат својот потенцијал и да постигнат резултати. Исто така, потребно е родово сензитивизирање на сите чинители, вклучително вработените во спортските институции и организации и самите спортисти и спортистки, како и медиумите, вели таа.
Митевска вели дека прво треба да се реконструира моменталната состојба која што трае со децении, а тоа е дека спортот и спортскиот сектор е неатрактивен, непосакуван сектор каде девојките и жените не гледаат иднина за спортска кариера. Таа истакнува дека спортот треба да стане транспарентен и отворен, со позитивни афирмативни мерки за исправување на историските неправди кон жените и дополнува дека е важно да се водат полово сегрегирани податоци и да се применува родово одговорно буџетирање.
-Мора да се водат полово сегрегирани податоци и на ниво на министерство, тие како државен орган се обврзани да го прават тоа и да видиме како буџетот се слева во на спортот во женска категорија и спортот во машка категорија и соодветно да реагираме и да интервенираме на тоа и да примениме родово одговорно буџетирање, затоа што овој тип на буџетирање ќе одговори на спецификите и потребите на спортистките и спортот во женска категорија, дополнува Митевска.
Сето ова, според нив, ќе ја зголеми мотивацијата на спортистките и ќе го намали бројот на жени кои предвремено ја завршуваат кариерата поради финансиска нестабилност, а тоа ќе придонесе за зголемување на видливоста на спортистките и нивната улога како пример за младите.
Ангела Рајчевска
Фото: МИА архива