• четврток, 26 декември 2024

Нема акушерки, ги заменуваат медицински сестри

Нема акушерки, ги заменуваат медицински сестри

Скопје, 11 јуни 2023 (МИА) - Велат дека здравјето е најважно во животот, а недостигот од здравствени работници во државава го зголемува стравот за сопственото здравје кај населението. Недостигаат кадри од повеќе здравствени струки, меѓу кои и акушерки. Соговорниците на МИА потврдуваат дека од година во година бројката на акушерки се намалува, а се заменуваат со медицински сестри.

Во 2004 година во нашата држава имало 1.180 акушерки, во 2022 бројот бил 237. Статистичките податоци не се комплетно точни бидејќи има акушерки кои работат на други работни места или воопшто не работат како акушерки, но во родилиштата во родилните сали во моментов работат 237 акушерки.

Овие податоци за МИА ги сподели дипломираната акушерка, Тања Трајковска, која воедно е и потпретседателка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки.

-Недостигот на акушерки е премногу голем и тој недостиг се продлабочува бидејќи во минатото едукацијата на акушерките беше на секои три до четири години, така да оваа година имаше поголем одлив, во смисол на пензионирање. Недостигот се создава со години систематично и тоа пред сѐ се должи на медикализација на породувањето, сѐ поголемиот број на царски резови, приватизација на примарната здравствена заштита и несоодветниот образовен систем, вели Трајковска во разговор за МИА.

Проблемот со продуцирање на соодветен кадар настанал во 1995 година, кога како што вели Трајковска државата и министерствата за здравство и образование, следејќи ги директивите на Европската Унија, со правилник го укинале образованието на акушерките на ниво на средно училиште. Таа смета дека образовниот систем тука ја направи својата најголема грешка, бидејќи не ги следел доследно насоките на ЕУ комплетно да ги укине типовите на едукација на ниво на средно образование и да остане доследна на секторските директиви за едукација на акушерките на ниво на студии. Наместо тоа се вовеле неколку типови на образовни системи во средните стручни училишта, притоа експериментирајќи со образованието - ФАРЕ-програма, која пак, како што вели Трајковска, резултирала со некомплетно образование.

-Не сакам да зборувам околу квалитетот на програмите за да не бидам погрешно разбрана, но и те како можам да зборувам за некомплетноста на образованието, посочи Трајковска.

Таа смета дека од тука тргнала и ерата на несоодветен образовен профил гинеколошко-акушерски сестри.

- Бидејќи ваквите сестри немаа соодветни компетенции за акушерка, а на работодавачот, претежно државата, ѝ беа „продавани“ како соодветен кадар-акушерка, тие не можеа да се снајдат самостојно на работните места, па мораше да се примени дополнителна едукација. Ваквиот кадар без соодветни компетенции, не по нивна вина ги натераа работодавачите да ја изгубат довербата во компетентноста на акушерките и нивните вештини самостојно да го водат спонтаното нормално породување, па сега секое породување мора да биде под надзор на гинеколог, што од друга страна повлече вработување на што повеќе гинеколози, особено во поголемите родилишта. Само за појаснување, до 2000 година акушерките сами правеа тријажа на прием и носеа одлука за начинот на породување, самостојно во партнерство со жената го завршуваа породувањето во интимноста на родилната сала, а гинеколог се повикуваше само при компликации, појасни Трајковска.

Приватизацијата на примарната здравствена заштита, како што истакна таа, е другиот проблем.

-Пред транзицијата на ПЗЗ во концесионерски ординации во секој здравствен дом, постоеше советувалиште за трудници кое го водеа акушерки. Советувалиштето имаше за цел да им ја олесни работата на гинеколозите од една страна, а од друга да ѝ овозможи на секоја жена достоинствен пристап и соодветно советување за нормална здрава бременост. Во советувалиштето, акушерките секој месец спроведуваа основи анализи кај трудницата - телесна тежина, крвен притисок, крвна слика, анализа на урина, карлични мерки, се слушаа тоновите на бебето и жената подготвена со сите анализи одеше кај својот гинеколог за дополнителни тестови и ехо прегледи. Исто така, акушерките во советувалиштта организираа и антенатални часови кои имаа за задача да ѝ помогнат на новата мајка да се подготви психички и физички за доаѓањето на новиот член, вели таа.

Овие советувалишта биле тесно поврзани со патронажната служба, која тогаш беше моновалентна - само мајка и бебе, која пак одела во домот на трудницата за дополнителни совети, но и скрининг на условите за правилен раст и развој на новороденчето. -Сега за жал се соочуваме со пребукирани гинеколози, кои не по своја вина немаат време, акушерки или медицински сестри вработени кај матичните гинеколози кои се административни работници пренатрупани со барање термини и издавање упати и немаат време за својата примарна дејност и патронажна служба која претрпе многу промени и патронажна сестра која е растргната на население од 2.000 до 2.500 жители кои треба да ги покрие, вели Трајковска за МИА.

Сѐ повеќе мајки избираат царски рез наместо спонтано нормално породување

Изминатите години, вели Трајковска за МИА, се повеќе се забележува трендот кај бремените жени и кога бременоста е нормална и укажува на можност за природно породување, да бараат да се породат со царски рез, од една страна поради страв од болката или, пак, поради сомневање во стручноста на тимот, доколку немаат некој познат, кој би се погрижил за нив.

-Се повеќе нови мајки се чувствуваат неподготвени за самото породување полни со страв од болното спонтано нормално породување па целиот тој страв и неподготвеност придонесе сѐ повеќе да се прибегнува кон барање пријатели и врски за спроведување на породување со царски рез, иако во некои случаи не постои соодветна медицинска причина. Според статистиката, ако во 2004 година стапката на царски рез била 15,3 проценти, минатата година е 51 отсто, што за нас како акушерки е поразувачка бројка, сподели Трајковска.

Таа рече дека треба да се сменат многу работи за да се надмине состојбата со недостиг од акушерки.

- За жал, многу треба да се направи затоа што во здравствениот систем се правени реформи според желбите на челниците, партиите без притоа да се консултираат професионалците. Да не звучи сѐ толку црно, сепак сакам да продолжам да бидам оптимист затоа што оптимизмот и љубовта кон мојата земја ме задржала тука сите овие години и ниту во еден момент и покрај бројните притисоци не сум потклекнала во својата борба за подобро утре, гледам одредена светлина на крајот од тунелот, но сепак сите заедно треба да допреме до неа, додаде Трајковска.

Според неа, државата мора да донесе одлука какви професионалци сака да има.

- Ако желбата е да имаме соодветно едуцирани, компетентни акушерки кои по дипломирањето ќе бидат подготвени за процесот на работа, тогаш под итно треба да се откаже од продукција на некомпетентен кадар од профилот гинеколошко -акушерска сестра, која сега се продуцира од популистички причини. Жално е од најдобрите ученици, ние да продуцираме евтина работна сила, која нема да може да се снајде веднаш во процесот на работа и ќе се чувствува уште пофрустрирано затоа што мора да работи под постојан надзор на гинеколог. Сигурно ниту еден родител не сака таква иднина за своето дете. Наместо тоа, да продолжиме со продукција на соодветно едуцирани компетентни акушерки на нашите факултети и високи школи, порача Трајковска.

Таа смета дека Министерството за образование треба да овозможи за акушерките кои ќе сакаат своето знаење и вештини да ги предадат на идните генерации, академско напредување во професијата.

- Второ, да се овозможи повторно фукционирање на советувалишта за трудници што би било во интерес и на гинеколозите и на акушерките, но пред сѐ на жените за да знаат дека во секое време ќе имаат стручна помош и соодветен совет, а со тоа ќе го надминат стравот и спремни ќе влезат во процесот на породување.Трето, законско регулирање на професијата, заштита на титулата и признавање на компетенциите за да нема забуна до каде се ингеренциите на акушерката, а кога презема гинекологот. Четврто, вработување на соодветно високо едуцирани акушерки, кои со своите компетенции ќе ги растеретат гинеколозите од непотребното губење на нивното драгоцено време, кое можат да го насочат кон повисока цел. Сакам да верувам дека сите имаме иста цел, а тоа е подобро здравје за нашите жени и нивните бебиња. Да имаме жени кои задоволни од своето позитивно искуство од породувањето, многу побрзо ќе се вратат на својот секојдневен живот и ќе го прераскажуваат своето позитивно искуство, наместо зборови полни со болка и ужасни сцени. Само сите ние заедно можеме да направиме нешто подобро, нешто повеќе за нашите деца, за нашата иднина, за нашата земја, рече Трајковска.

Заминуваат поради поголема платеност и подобри услови за работа

Северна Македонија се соочува со одлив на акушерки во земји, кои нудат подобри услови за живот и работа. Најчесто заминуваат во Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но, како што вели Трајковска за МИА познава и две нејзини колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија.

- Најчести држави во кои има наши акушерки се Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд, но знам и за две колешки кои работат во најтешкиот систем за работа, каде 50 проценти од породувањата се одвиваат дома, Англија. Тоа што го нудат овие земји покрај финансиската сатисфакција е и достоинството со кое ја работите професијата, ваше препознавање и признавање како професионалец, кој е соодветно едуциран да ја доведе до крај некомплицираната бременост, која е чиста физиолошка состојба во животот на жената, како и самостојно само во партнерство со жената, почитувајќи ги нејзините желби, да го изведе породувањето. Акушерките во ЕУ уживаат почит пред сѐ од гинеколозите кои растеретени од грижата за нормалните бремености, имаат доволно време своето знаење, едукација и вештини да ги посветат на комплицираните бремености и научно истражувачка дејност, нагласи Трајковска во разговор за МИА.

Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ во изјава за МИА вели дека неодамна ИЈЗ излегол со подетални информации за вработени гинеколошко - акушерски сестри до 2021 година, вкупно 858, од кои скоро 80 се со ВСС, а останатите се со ССС.

- Од 1992 година наваму, гинеколошко – акушерската струка не се изучуваше сѐ до пред две години кога беше повторно вратена во наставните програми во СМУ „Др. Панче Караѓозов“ – Скопје, но само на албански наставен јазик. Додека во ВМС школи беше воведена струката за гинеколошко - акушерска сестра од пред две години, а пред тоа и во другите ВМС во државата. За жал, никогаш не сме имале спрега помеѓу МЗ и МО и за потребите на институциите, не само на акушерките, туку и на медицинските сестри воопшто и за тоа продуцираме, но не знаеме колку ни се потребни во болниците. Оттука, ЗМСТАС – „За нас“ неодамна имаше реакција за отворање на паралелка за гинеколошко – акушерска во СМУ „Др. Панче Караѓозов“ – Скопје на македонски наставен јазик и истата ќе биде воведена во новата учебна 2023-2024 учебна година. Многу е важно да  нагласиме дека во наставните програми за гинеколошко – акушерската сестра има посебни специфични, стручни предмети како во теоретската настава, така и во клиничката пракса, истакна таа за МИА.

Таа додаде дека со оглед на тоа што подолг период во образовниот процес не постоеле како струка, сме дошле до ситуација да имаме голем недостиг на акушерки.

- Дополнително пензионирањето на овој кадар, кој не се надополнува континуирано иницира недостиг во гинеколошко – акушерските здравствени установи. Во последните неколку години со отворањето на приватни гинеколошко – акушерски установи, голем број на медицинскиот сестри преминаа од јавниот во приватниот здравствен сектор и дополнително со одливот во регионот, земјите од Европска Унија и пошироко здравствените установи останаа со голем недостиг од овој кадар. Причината поради која најмногу заминуваат е недоволната платеност според одговорностите, подобрите услови кои им се даваат во другите земји и пред сѐ поради непрепознаеност на компетенциите - работните задачи, со кои се нарушува достоинството на оваа професија, рече Бешлиовска.

Според неа, во сите држави каде што со закон е регулирана професијата, каде што се платени доволно според одговорностите, имаат подобри услови за работи, имаат признаено образование и прагови на работните задачи.

-Тоа се секогаш посакувани држави за да се одлеат и работат во истите. Бидејќи покрај тоа што се платени доволно според одговорностите, тие се признаени и имаат многу поголемо достоинство во професијата, регулиран статус, безбедност при работа, платени прекувремени часови и сѐ останато што е достоинствено за оваа професија, додека во нашата држава немаме закон со кој е регулирана професијата и сите горенаведени потребни услови ги немаат во здравствените установи каде што работат, вели таа.

Бешлиовска додава дека гинеколошко – акушерската професија, но и работата на медицинските сестри, техничари и стоматолошките сестри треба да се регулираат со закон, да се признаат образованијата по специјалност во секоја установа за сите, медицинските сестри и акушерките да бидат вклучени во образовниот процес, во клиничката пракса, а во колективните договори да се предвидат коефициентите за одговорност.

-Сѐ додека не се инвестира во образованието и подобрувањето на условите за работа, нема да можеме да го подобриме статусот на оваа побарувана професија и ќе се соочуваме со сѐ поголем дефицит. Потребни ни се сериозни програми, особено за гинеколошко – акушерската насока во ВМС, смета таа.

Бешлиовска нагласи дека ЗМСТАС – „За Нас“, кое ја предводи унијата на уште пет професионални здруженија на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри во државата, во отсуство на комора на медицинските сестри и акушерки, го подига гласот и сите овие потребни услови за регулирање на професијата, почнувајќи со законот и се што треба да биде изрегулирано, ги има поставено стратегиите и целите уште од обединувањето.

-  И сите овие години придонесе многу за нас штетни идеи, да не се преточат во одлуки, а многу потреби за медицинските сестри да бидат решени, како во приватниот така и во јавниот здравствен сектор. Бидејќи сме дел од меѓународните асоцијации ќе вршиме притисок и со сите нив на нашите раководни структури, за да се имплементираме во здравствените политики, да добиеме сектор за сестринство во МЗ, каде што ќе ги централизираме проблемите и ќе носиме решенија за нив, додаде таа.

Со неколку прашања на оваа тема, МИА се обрати и до Клиниката за гинекологија и акушерство.

- На ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство - Скопје од вкупниот број на медицински сестри и акушерки, речиси изедначен е бројот на медицински сестри и на акушерки. Факт е дека секоја година бројката на акушерки се намалува. Од вкупно 192 медицински сестри и акушерки, 92 се акушерки. Местата за акушерки се заменуваат со медицински сестри поради тоа што генерално, во државата, има недостиг од овој вид на обучен кадар. Нашата клиника е најголемо родилиште во земјава, па оттука секогаш имаме потреба од поголем број на акушерки, одговорија од Клиниката.

Оттаму рекоа дека недостигот на акушерки е поради тоа што подолг временски период во средните медицински училишта немаше паралелки за акушерки. Секако, нагласуваат, дел од причините за недостигот е одливот на кадар.

- Одливот на кадар е сеприсутен, па не е одбегната ниту категоријата акушерки. Причините зошто и акушерките заминуваат да работат во други држави веројатно се финансиски, но пред се, индивидуални.  Мора да се отворат повеќе паралелки за акушерки во средните медицински училишта и да продолжат студиите за дипломирани акушерки на факултетите, нагласија од Клиниката во одговорот за МИА.

Блаже Дарудов

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан