• среда, 18 декември 2024

Телефонски разговор Христодулидис – Трамп

Телефонски разговор Христодулидис – Трамп

Никозија, 5 декември 2024 (МИА) – Билатералните односи и стратешкото партнерство Кипар - САД, како и ситуацијата во Источниот Медитеран, биле темите за кои телефонски разговарале кипарскиот претседател Никос Христодулидис и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, јави дописничката на МИА од Атина.

-Одлична дискусија со Доналд Трамп. Му честитав за неговата изборна победа и ја изразивме нашата заедничка посветеност да продолжиме да го зајакнуваме стратешкото партнерство меѓу Кипар и САД. Ќе работиме заедно за дополнително да ги зајакнеме нашите односи за доброто на нашите земји и регионот, напиша Христодулидис на платформата Икс.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава информираше дека Христодулидис и Трамп посебно се осврнале на „широката соработка меѓу двете земји и високото ниво постигнато во изминатиот период“ во низа области како што се одбраната и безбедноста, инвестициите, економијата, како и во делот на обезбедување хуманитарна помош и справување со кризи во Источниот Медитеран.

-Беше изразена заедничката намера, во рамките на стратешките односи и стратешкиот дијалог меѓу Кипар и САД, да се прошири и зајакне билатералната соработка во повеќе области, како за корист на двете земји, така и генерално на регионот. Беа дискутирани загрижувачките случувања во регионот на Источниот Медитеран, при што претседателот Христодулидис истакна дека Кипар останува близок и кредибилен партнер на САД во напорите за промовирање на мирот, стабилноста и развојот во регионот, информираше Летибиотис во писмената изјава. ср/рп/

Остани поврзан