Телефонски разговор Фон дер Лајен-Ли: ЕУ и Кина мора да поддржат трговски систем со рамноправни услови за игра
- Состојбата во односите меѓу ЕУ и Кина на 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатските врски и повеќе билатерални и глобални прашања, беа главни теми на денешниот телефонски разговор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со кинескиот премиер Ли Кианг.

Брисел, 8 април 2025 (МИА) - Состојбата во односите меѓу ЕУ и Кина на 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатските врски и повеќе билатерални и глобални прашања, беа главни теми на денешниот телефонски разговор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со кинескиот премиер Ли Кианг.
Како што соопшти Европската комисија, во разговорот Фон дер Лајен ја истакнала виталната важност на стабилноста и предвидливоста за глобалната економија.
- Како одговор на широко распространето нарушување предизвикано од американските царини, претседателката Фон дер Лајен ја нагласи одговорноста на Европа и Кина, како едни од најголемите пазари во светот, да поддржат силен реформиран, слободен и фер трговски систем заснован на рамноправни услови за игра, се наведува во соопштението.
Фон дер Лајен повикала и на изнаоѓање на решение за актуелната ситуација со царините преку преговори, потенцирајќи ја потребата од избегнување на понатамошна ескалација на состојбите.
Таа ја нагласила „клучната улога на Кина“ во справувањето со можното пренасочување на стоки на глобалниот пазар, како реакција на царините, особено во секторите кои веќе и се соочуваат со глобална пазарна презаситеност. Фон дер Лајен и Ли разговарале и за воспоставување механизам за следење на можното „трговско пренасочување“ и обезбедувањето соодветна реакција на ваквата појава.
Фон дер Лајен ја нагласила и потребата од изнаоѓање структурни решенија за ребалансирање на билатералните трговски односи и обезбедување подобар пристап за европските бизниси, производи и услуги на кинескиот пазар.
- Разговорот ја опфати и соработката меѓу ЕУ и Кина за меѓународната климатска агенда и чистата индустриска транзиција. Конечно, претседателката Фон дер Лајен ја потврди цврстата поддршка на ЕУ за праведен и траен мир во Украина, нагласувајќи дека тие услови за мир мора да ги определи Украина. Таа ја покани Кина да ги интензивира своите напори за значаен придонес во мировниот процес, се додава во соопштението. сп/
Фото: МИА Архива