• сабота, 23 ноември 2024

Телевизиска дебата на кандидатите за лидер на грчката партија ПАСОК

Телевизиска дебата на кандидатите за лидер на грчката партија ПАСОК

Атина, 25 септември 2024 (МИА) – Во шест различни теми, шестмината кандидати за лидер на грчката опозициска партија ПАСОК на изборите што ќе се одржат на 6 и 13 октомври, синоќа ги претставија нивните ставови и позиции во ТВ дебата на државната телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

За лидерската позиција во ПАСОК, освен актуелниот претседател Никос Андрулакис, се борат и градоначалникот на Атина Харис Дукас кој победи на ланските локални избори, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу, поранешниот министер Павлос Геруланос, поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис и пратеничката Надиа Јанакопулу.

Дискусијата се одржа по моделот на телевизиските дебати на политичките лидери во пресрет на парламентарни избори, кандидатите имаа конкретно време за одговарање на прашањата на двајцата новинари, можеа меѓусебно да си поставуваат прашања и да си реплицираат, а од тричасовната дебата не изостана и несогласувањата и превирањата за одредени теми.

Дебатираа за економскиот развој; социјалните теми, новите генерации и демографското прашање; за надворешната политика, одбраната и ЕУ; за државата, институциите, локалната самоуправа; за климатската криза, цивилната заштита и енергетска транзиција, како и за иднината на ПАСОК.

Со оглед на тоа дека не е честа пракса во Грција да се организираат ваков тип на ТВ дебати во пресрет на избори за партиски лидер, вчерашната диксусија предизвика реакции во медиумите кои во главно коментираат дека беше задоволително нивото на дебатата, дека имаше моменти кога „сите беа против сите“, но и дека заврши без конкретен победник, а сите кандидати покажаа високо ниво на политичка култура.

По завршувањето, кандидатите изразија задоволство од дебатата, актуелниот претседател Андрулакис рече дека дискусијата е „важна за јавниот политички дијалог“, поранешниот министер Геруланос нагласи дека „процесот покажа дека ПАСОК е организирана партија, во која може да постојат разлики, но да се води цивилизирана дискусија“, пратеничката Јанакопулу истакна дека „победник е ПАСОК, кој докажа зошто не треба да се плашиме од дијалог“.

Поранешната еврокомесарка Диамантопулу ги повика симпатизерите на ПАСОК да гласаат на изборите, а истото го стори и поранешниот претседател на пратеничката група Катринис, посочувајќи дека е важно да се поддржи партијата за повторно да дојде на власт за да се сменат животите на сите“, а градоначалникот на Атина Дукас посочи дека „сега сите граѓани имаат јасен став“.

Изборите за претседател на ПАСОК ќе се одржат на 6 октомври, а доколу е потребен втор круг, ќе биде една седмица подоцна, на 13 октомври. ср/рп/

Остани поврзан