• четврток, 26 декември 2024

Тедрос: Состојбата во Индија е повеќе од срцепарателна

Тедрос: Состојбата во Индија е повеќе од срцепарателна
Њујорк, 26 април 2021 (МИА) - Ситуацијата во Индија, која е силно погодена од пандемијата на коронавирус, е „повеќе од срцепарателна“, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус. - СЗО прави се што може и обезбедува основни намирници и опрема, вклучувајќи илјадници апарати за кислород, монтажни подвижни теренски болници и лабораториска опрема, рече Тедрос на прес-конференција. За неколку дена, индиската варијанта на коронавирус донесе хаос во таа земја со 1,3 милијарди жители и беше прогласена вонредна состојба во неколку индиски сојузни држави. Во Индија вчера беа евидентирани рекордни, на светско ниво, близу 350.000 новозаразени за еден ден. Во главниот град Њу Делхи, сведоци опишуваат болнички ходници преполни со кревети и носилки и луѓе кои залудно молат за кислород или кревет за член на семејството, од кои некои умираат на прагот на болницата. - СЗО прераспореди повеќе од 2.600 вработени за да одговорат на потребите на терен, да обезбедат поддршка, технички совет или помош за вакцинација, нагласи Тедрос. - Никогаш досега важноста на вакцинацијата не била толку очигледна, додаде тој. СЗО, исто така, извести дека спроведува брза анализа на состојбата во областите со зголемен број случаи и дава препораки и го поддржува спроведувањето на мерките. Индискиот здравствен систем е преплавен со нов бран на инфекции што делумно и се припишуваат на индиската варијанта Б.1.617, квалификувана како „двоен мутант“. Првата мутација е близу до јужноафриканската и бразилската варијанта (E484K) и ја намалува ефикасноста на вакцинацијата. Втората е присутен во калифорниската варијанта и може да предизвика поголема стапка на зараза. ссм/

Остани поврзан