• недела, 24 ноември 2024

Твиниг проект за поддршка на АЦВ во областа на безбедноста и обезбедувањето  во воздухопловството

Твиниг проект за поддршка на АЦВ во областа на безбедноста и обезбедувањето  во воздухопловството

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) – Подобрување на безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство  во земјава во согласност со европската регулаторна рамка е главната цел на новиот Твининг лајт проект „Поддршка на Агенцијата за цивилно воздухопловство во областа на безбедноста и обезбедувањето во воздухопловството“ чиј старт официјално беше означен денеска. 

Проектот, кој ќе се спроведува во наредните 10 месеци, е во вредност од 250 илјади евра, финансирани од Европската Унија, а твиниг партнер е Хрватската агенција за цивилно воздухопловство.

Негова специфична цел е да ја поддржи македонската Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) во изработката  и спроведувањето на национална правна рамка за цивилно воздухопловство преку зајакнување на капацитетот за вршење на надзор над безбедноста и обезбедувањето во цивилното воздухопловство.

-Како земја која ги започна преговорите за членство во ЕУ имаме одговорност  да обезбедиме високо ниво на стандардизирани услуги и ресурси во авиосообраќајот. За тоа не ни е потребна само регулатива, туку и квалификувани човечки ресурси. Се надевам дека овој проект, кој се реализира со средства од ЕУ и поддршка од Хрватска, ќе ги даде токму овие резултати, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на официјалното отворање на проектот.

Тој посочи дека развојот на авиосообраќајот е високо на агендата на Владата и на Министерството за транспорт и врски.

-За нас од исклучително значење е воспоставувањето  на високопрофесионални стандарди во сферата на цивилното воздухопловство и во таа насока  создаваме услови  за креирање на долгорочен и ефикасен  систем на организирање на авиосообраќајот во земјава. Наша крајна цел е зајакнување на меѓународните воздухопловни стандарди преку приближување на домашната легислатива со европската, како и политиката на ЕУ за создавање на Европска заедничка воздухопловна област, потенцира Бочварски.

Нашите политики во делот на авиосообраќајот, додаде, веќе ги даваат посакуваните резултати и од аспект на цивилното воздухопловство и од аспект на техничката опременост на институциите. 

-Токму 2023 година ќе биде година на постигнување на највисоки резултати во цивилното воздухопловство и по бројот на летови и по бројот на патници, посочи Бочварски. 

Директорот на АЦВ Томислав Тунтев рече дека токму на денешен ден пред 28 години се формирани првите воздухопловни власти во земјава, а на 7 декември воедно се одбележува и Меѓународниот ден на цивилното воздухопловство и Денот на АЦВ.

-Над 67 проценти од воздушниот сообраќај во светот поминува најмалку две граници. На земјината топка има многу граници, но небото е едно. За нас е голем предизвик тоа едно небо да го направиме  едно заедничко за сите, односно сите стандарди, препораки и практики кои важат во развиените земји да важат и за нашата држава, рече Тунтев.

Токму овој проект, додаде, го сметам како еден чекор кон остварување таа цел.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава Бого Феручио истакна дека цивилното воздухопловство е столб на економскиот живот, а, како што рече, наша заедничка одговорност е воздушниот сообраќај да биде сигурен и ефикасен.

-Како идна членка на ЕУ треба сериозно да работите да ги исполните условите и барањата на ЕУ. Овој твининг проект ќе ве приближи до целта и ќе го зголеми капацитетот на АЦВ, а и развојот на цивилното воздухопловство во согласност со меѓународните стандарди, рече Фаручио.  

Директорката  на воздухопловните власти на Хрватска Ана Капетановиќ нагласи дека секогаш нудат помош на соседите и на партнерите за да се обезбеди напредок на полето на авиосообраќајот.

-Транспозицијата на законодавството на ЕУ на ова поле бара посветеност. Ние имаме доверба во нашата работа и во позитивен исход на проектот, рече Капетановиќ. вј/ац/

Фото: МИА 

Остани поврзан