• сабота, 23 ноември 2024

Тајландскиот суд ја прифати за разгледување петицијата за распуштање на партијата „Продолжуваме напред“

Тајландскиот суд ја прифати за разгледување петицијата за распуштање на партијата „Продолжуваме напред“

Бангкок, 3 април 2024 (МИА) - Уставниот суд на Тајланд денеска ја прифати за разгледување жалбата на изборната комисија на земјата со која се бара распуштање на главната опозициска партија „Продолжуваме напред“ и отстранување на нејзиното раководство од политичката активност, објавија британските медиуми.

Судот се согласи да ја слушне жалбата поднесена од изборната комисија за распуштање на „Продолжуваме напред“ поради нејзината контроверзна кампања за реформирање на законот што ја штити моќната монархија на земјата од критики. Во последните неколку години, најмалку 260 лица се нашле под ударите на овој закон.

Во јануари истиот суд пресуди дека планот на „Продолжуваме напред“ за измена на законот е неуставен и претставува обид за уривање на системот на владеење во земјата, според кој кралот е шеф на државата.

Од партијата велат дека тоа не и е намерата, а нејзиниот портпарол денеска изјави дека ќе ја подготви одбраната и е подготвена на секое сценарио.

„Продолжуваме напред“ освои импресивна победа на изборите во Тајланд минатата година, но пратениците поврзани со прокралските вооружени сили го спречија да формира влада. Прогресивната платформа на партијата одекна кај младите и урбаните гласачи, а таа ја доби нивната поддршка со нејзиниот предлог за промена на Законот за заштита на монархијата, кој предвидува казни до 15 години затвор за навреда на кралското семејство.

Уставот на Тајланд вели дека поданиците мора да ја почитуваат и да ѝ се поклонуваат на монархијата, а ројалистите во земјата го сметаат законот за свет. Кралскиот двор вообичаено не го коментира законот, кој е меѓу најстрогите од ваков вид во светот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан