• среда, 18 декември 2024

„Тајд“: Унгарија шпионирала претставници и службеници на ЕУ 

„Тајд“: Унгарија шпионирала претставници и службеници на ЕУ 

Брисел, 9 декември 2024 (МИА) - Унгарската разузнавачка служба, Канцеларијата за информации (ИХ), ги шпионирала претставниците на ЕУ кои престојувале во посета на Будимпешта преку пребарување на нивните хотелски соби и преземање информации од нивните лаптопи, објави белгискиот весник на холандски јазик „Тајд“ („Време“).

Во написот за заедничката истрагата на весникот со унгарската невладина организација Директ36, се посочува дека покрај од европски претставници, ИХ собирала информации и од граѓани на Унгарија вработени во институциите на ЕУ, не тој начин што ги принудувала да соработуваат со неа или со нивно шпионирање.  

„Тајд“ повикувајќи се на „извори запознаени со начинот на работа на унгарската разузнавачка служба“ наведува дека наводната шпионажа се одбивала неколку години наназад, а особено дошла до израз последниве месеци кога официјални лица од институциите и земјите членки на ЕУ почесто престојува во Унгарија, бидејќи земјата претседава со Унијата во втората половина од годинава. 

Во написот се посочува и на случај со вработени во Канцеларијата за борба против измами на ЕУ – ОЛАФ, која во периодот од 2015 до 2017 година истражуваше можна злоупотреба на европските фондови во Унгарија, па нејзини истражители во неколку наврати престојувале во земјата. Според „Тајд“, во тој период ИХ ги снимала телефонските разговори на истражителите на ОЛАФ, ги следела и ги прислушувала нивните приватни состаноци. Весникот тврди дека истражителите на ОЛАФ забележале оти биле следени додека патувале со автомобили.  

Сепак, ОЛАФ на одговорила на прашањата на „Тајд“ за ваквите наводи. 

- Цел не бил само ОЛАФ, според наши извори, имало периоди кога биле шпионирани речиси сите делегации на ЕУ кои биле во посета на Унгарија, наведува „Тајд“. 

Во коментар на наводите за шпионирање на европските претставници од страна на ИХ, извори во унгарската Влада одговориле дека „не се занимаваат со извештаи за лажни вести“. 

Од друга страна, Европската комисија засега не ги коментираше ваквите обвинувања. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан