• среда, 18 декември 2024

Тајани: Во ЕПП има резерви кон кандидатурата на Кошта за претседател на Советот на ЕУ 

Тајани: Во ЕПП има резерви кон кандидатурата на Кошта за претседател на Советот на ЕУ 

Брисел, 17 јуни 2024 (МИА) - Некои членки на Европската народна партија (ЕПП) имаат резерви кон номинацијата на поранешниот португалски премиер Антонио Кошта за претседател на Европскиот совет, изјави вечерва италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани. 

- Некои стравуваат дека тој не е доволно цврст околу Украина. Но, дебатата е отворена, па ќе видиме, додаде Тајани, кој е и лидер на партијата Форца Италија (ФИ), која е дел од ЕПП. 

Тајани вчера во интервју за италијанскиот весник „Кориере деа Сера“ изјави дека поранешниот италијански премиер Енрико Лета „може да биде добар претседател на Европскиот совет“. 

Лета доаѓа од редовите на италијанската Демократска партија (ПД), која како и Социјалистичката партија (ПШ) на Кошта е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД). Согласно неформалниот договор за поделба на врвните функции во ЕУ, СД треба да го номинира кандидатот на претседател на Советот на ЕУ.  

Инаку, според дипломатски извори, италијанската премиерка Џорџа Мелони „била тивка“ за време на првиот дел од вечерашниот неформален состанок на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на која се разговара околу изборот на највисоките функционери во Унијата.  

Истите извори посочуваат дека ваквото однесување на Мелони може да биде показател дека таа „не е задоволна“ од пакетот за распределба на врвните позиции во ЕУ или можеби со тоа само се обидува да добие некоја отстапка за возврат на поддршката за предложените кандидати. 

Инаку, според дипломатски извори, работната вечера на лидерите завршила, но засега нема  

информации дали е постигнат начелен договор околу носителите на водечките функции во ЕУ. 

Претходно вечерва, унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока изјави дека за Унгарија се прифатливи сите кандидати за врвните позиции во ЕУ, освен Урсула фон дер Лајен и затоа нема да го поддржи нејзиниот реизбор за претседателка на Европската комисија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан