• среда, 25 декември 2024

Тачи: Интегративниот процес е генералниот имунитет на државата

Тачи: Интегративниот процес е генералниот имунитет на државата

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Интегративниот процес за Македонија е генералниот имунитет на оваа држава, истакна претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.

– Ако не постои интеграцискиот процес, ние сме на милиметар од растурање на државата. Нека не се лаже некој дека ние Албанците сме задоволни со оваа ситуација која што ја имаме. Јас никогаш нема да станам ДУИ, иако ние сме во коалиција. Ахмети и ДУИ цело време велат дека албанскиот јазик службен. Не е точно, нагласи Тачи во вечерашното гостување во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

На прашањето што ги обедини со Ахмети, првиот човек на ДПА истакна дека главниот столб на успешноста на Пржинскиот договор се токму тие двајца.

- Главната причина сега зошто одлучив да одам во овој смер на помирување и на договор е, според мене, опасноста на ситуацијата во која се наоѓаме. Ние веќе сме во смер на интеграцискиот процес, а тапкаме на место година и пол. Конфликтот или агресијата на Русија кон Украина ја направи ситуацијата уште посериозна и поопасна, не само од смер на мешање на Русија во Балканот, рече Тачи, кој ја потврди констатацијата на новинарот дека ова обединување значи оти политиката, а не националните интереси преовладувале при носењето на одлуката за обединување со претседателите на ДУИ и Алијансата за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села.

На прашањето што доколку нивниот блок „Европски фронт“ освои повеќе пратенички мандати, а хипотетички ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори и одлучи во коалиција да ја земе албанската опозициска коалиција Вреди, Тачи рече дека тоа ќе произведе огромна политичка криза.

-Ние би посакале да имаме многу добар резултат, но тоа зависи од граѓаните. Ако ние стигнеме до бројка од 30 пратеници, мислам дека сме многу блиску ние да одлучиме со кого ќе формираме новата влада – со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ. Ако мислат дека можат да држат влада со екстремно малцинство на албанскиот електорат, нека им е аирлија. Но, тоа ќе произведува многу потешкотии. Мислам дека ќе произведува огромна политичка криза. Ние како победници нема да ги гледаме како заљубен пар, туку политички ќе дејствуваме. Сигурен сум дека меѓународната заедница, особено Европската унија нема никаква причина да толерира таков начин на пристап, потенцира Тачи.

Дали се уште е на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Тачи одговори дека тој е „под забрана на виза поради јавни радикални изјави кои ја оспоруваат имплементацијата на Охридскиот договор“.фф/са/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан