Тахири: Владата на Косово да престане со експериментите во односите со САД
- Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Бесник Тахири изјави дека „односот (на Косово) со Соединетите Американски Држави е свет и „не може и не смее да биде предмет на дискусија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 4 февруари 2024 (МИА) – Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Бесник Тахири изјави дека „односот (на Косово) со Соединетите Американски Држави е свет и „не може и не смее да биде предмет на дискусија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На крајот од посетата на САД, каде што престојуваше заедно со лидерот на партијата Рамуш Харадинај, Тахири на својата Фејсбук страница напиша дека САД се и секогаш ќе бидат стратешки сојузник на Косово.
- САД биле, се и засекогаш ќе останат стратешки сојузник на Косово, како на домашен така и на меѓународен план. Односот со САД е свет и како таков не може и не смее да биде предмет на дискусија. Овој однос е дел од државниот и националниот идентитет, напиша Тахири.
Тој порача дека „експериментите и егзибициите на оваа влада во приближувањето кон САД мора да престанат“.
- Продлабочувањето на партнерството со САД, меѓу другото, служи и за сеопфатен напредок на Косово, како и за афирмација на позицијата на мултилатерален план. Формализацијата на ова партнерство треба да се означи преку договор за стратешко партнерство. Самоисклучувачкиот и отуѓувачки пристап на оваа влада, вклучително и недостатокот на комуникација, средби и кохерентност неопходни за структурирана комуникација со американските институции и раководство, им наштетуваат на споменатите процеси и позиции. Експериментите и егзибициите на оваа влада во приближувањето кон САД мора да престанат, напиша Тахири.
Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер ги обвини косовските власти за поттикнување меѓуетнички тензии со неодамнешните одлуки за забрана на употребата на српскиот динар во земјата, како и со вчерашното запленување на динари и на возилото кое ги превезувало истите за исплаќање на Србите кои се корисници на социјални надоместоци од буџетот на Србија.
Во изјава што доцна синоќа ја објави на својата официјална страница на платформата „Х“, Ховениер ја изрази „длабоката загриженост“ на САД за неодамнешните постапки на Владата на Албин Курти и ја спомена можноста за укинување на американската поддршка за Косово на меѓународната арена.иа/
Фото: МИА архива