• сабота, 28 декември 2024

Тасулас и Џафери изразија волја и подготвеност за интензивирање на соработката и комуникацијата  

Тасулас и Џафери изразија волја и подготвеност за интензивирање на соработката и комуникацијата   
Атина, 22 октомври 2021 (МИА) – Оваа прва средба да биде поттик за наша поинтензивна взаемна комуникација и соработка, порача претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, по средбата со претседателот на Парламентот на Грција Константинос Тасулас, кој истакна дека парламентите со кои претседаваат „треба да го покажат патот за подобрување на односите меѓу двете земји“, јави дописничката на МИА од Атина. Тасулас и Џафери се сретнаа во Атина каде што се одржува Конференцијата на претседателите на Парламентите на земјите - членки на Советот на Европа, а станува збор за прва билатерална средба на претседатели на Парламентите на Грција и Северна Македонија, нешто за што Џафери рече дека е „историски момент“ и „историска можност“. -Ова е прва можност да остварам директна средба со претседателот на Парламентот на Грција и тоа, фактички претставува историски момент во соработката меѓу двете држави, меѓу двата Парламенти, истакна Џафери. -Му посакам добредојде во Атина и Грција, но пред сѐ го поздравувам неговото, верувам, искрено расположение за дополнително подобрување на односите меѓу двете земји и мислам дека имаме должност, нашите Парламенти со кои претседаваме, да го покажат овој пат, порача Тасулас. Претседателот на грчкиот Парламент, околу Догворот од Преспа рече дека потпишаниот договор „треба целосно да се почитува за подобрување на односите на двата народи“, за што истакна дека е оптимист и по средбата со Џафери и по средбата со претседателот на Северна Македонија за време на неговата посета на Грција. -Разговаравме поконкретно и анализиравме начини на кои би можеле двата Парламенти да соработуваат преку парламентарните групи за пријателство. По нашиот билатерален контакт, сметам и се чувствувам дека треба да ги охрабриме овие односи меѓу нашите Парламенти, бидејќи само добро може да ни донесе подобрувањето на овие односи, како и подобрувањето на климата на соработка меѓу нашите земји, кои што се директни соседи, рече Тасулас. -Како што и претседателот кажа, разменивме мислења по однос на реализација на она што е договорено меѓу двете држави и секако на нас паѓа целиот терет како претседатели на Парламентите да ги направиме сите напори за она што е договорено, да се спроведе во пракса. Впрочем, ние, делот, она што беше во прва фаза на реализација на Договорот, го имаме спроведено и се спроведува и во моментот. Секако, како резултат на таа соработка и како директен резултат на Договорот произлегува и меѓусебната доверба со која што дадовме можност на нашите соседи да водат сметка за заштита на нашиот воздушен простор, како прв чекор во довербата која што произлегува меѓу двата народи, меѓу двете држави како резултат на Договорот од Преспа, истакна Џафери. Претседателите на парламентите разговарале и за европската перспектива на Северна Македонија, за што Тасулас ја повтори грчката поддршка. -Му реков на претседателот, дека Грција ја интересира во целост, европскиот развој на Западен Балкан, политика што ја лансираше Грција, грчката Влада во 2003 година на Самитот во Солун. И целиот овој развој на Западен Балкан, што се однесува на Албанија, Северна Македонија, како и Србија, која, секако, е во друга фаза, целиот овој развој, постигнувајќи ја својата цел, на крајот ќе донесе друга, историска и економска димензија во поширокиот регион, а Грција, се разбира, ќе биде земја пионер во сите овие иницијативи, како една од најстарите членки на Европската унија, порача Тасулас. Претседателот на Собранието на Северна Македонија изрази благодарност за поддршката што ја дава Грција на нашиот пат кон Европската Унија и официјално го покани неговиот грчки колега да го посети Скопје. -И во тој контекст, уште еднаш повторив дека поканата што е упатена претходно, ја повторив и во оваа прилика и ќе ми биде особена чест да го угостам претседателот на Парламентот на Грција во Република Северна Македонија и да има можност да му се обрати на нашиот Парламент во Скопје, рече Џафери по средбата. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија од вчера учествува на дводневната Конференција на претседатели на Парламентите на земјите - членки на Советот на Европа што се одржува во Атина, а според агендата, денеска ќе се обрати на тема „Заедничката иднина на сите европски граѓани“. ср/са/

Остани поврзан