• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Тасулас: Врвна чест, но пред сè тешка одговорност изборот за претседател

Тасулас: Врвна чест, но пред сè тешка одговорност изборот за претседател

Атина, 12 февруари 2025 (МИА) – Со Божја помош, со поддршка од сите државни актери и пред сè од народот ќе ги вложам сите можни напори за да ја исполнам должноста, истакна новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, откако собранискиот спикер Никитас Какламанис официјално му ги соопшти резултатите од денешното гласање во Парламентот и паралелно додаде дека за него е „врвна чест, но и тешка одговорност“ функцијата шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас со 160 гласа „за“ од вкупно 300 пратеници во Парламентот претпладнево беше избран за претседател на зземјата, а во неговата прва изјава посочи дека Грција и грчкиот народ „имаат разумни барања од политичките претставници“, како што се национална безбедност и интегритет, напредок, социјална и цивилна заштита и правда, барања што, според него не зависат само од правилно планирање или од конструктивни предлози, туку и од политичката атмосфера во која се водат политичките процеси и сето тоа во, како што рече, меѓународно несигурна средина.

Додаде дека „хармоничното функционирање и синергијата на институциите, најблагата можна политичка клима и зачувувањето на климата на единство“ е вредна рамка за успех на политичките амбиции, но и дека единството е „невидливата нишка“ што ги обединува.

- Претседателот на државата, како регулатор на политичкиот систем, меѓу другото е повикан да се стреми кон консолидација токму на оваа рамка, далеку и вон секаква партиска конкуренција, движејќи се во дефинираните рамки на неговата уставна улога, истакнувајќи ја, во многу големите и важни моменти, оваа невидлива нишка што не престанува да не обединува. Овој долг е историски, институционален и државнички. Тоа е должност кон грчкиот народ, гарант на нашиот систем и кон нашиот Устав, што сите го почитуваме. Со Божја помош, со поддршка од сите државни актери и пред сè од народот, бидете уверени, господине претседателе, дека ќе ги вложам сите можни напори за да ја исполнам оваа должност, рече Тасулас откако од претседателот на Парламентот ги прими резултатите од гласањето.

Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, како што соопштија од нејзиниот кабинет, му честитала на новоизбраниот претседател и му посакала успех во вршењето на должноста.

Петгодишниот мандат на Сакеларопулу завршува на 13 март годинава, кога новиот претседател ќе положи свечена заклетва и ќе ја преземе функцијата. ср/рп/

Фото: Грчки Парламент

Остани поврзан