• среда, 25 декември 2024

Тасевски: Штрајк на контролорите на летање на 12 октомври, од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови

Тасевски: Штрајк на контролорите на летање на 12 октомври, од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Синдикатот на контролори на летање  во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најавува штрајк на 12 октомври, при што во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром. 

Претседателот на Синдикатот Александар Тасевски за МИА изјави дека бараат да се запре со, како што вели, непрофесионалното однесување од директорите во однос на процесите за вработувања, внатрешни прераспоредувања, услови за работа и опрема која треба да се имплементира за да се модернизира системот за работа.

На неповолните состојби, како што вели, укажуваат долго време, а го информирале и Министерството за транспорт. 

Според Тасевски, „вработувањата се прават спротивно на актите за кариерен развој, се даваат приоритети на тие кои ги одбираат директорите за вработување, а тоа не гарантира квалитет на личноста и создава револт кај квалитетните кадри на кои не им се дава шанса за напредок“.

-Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа  се користи како изговор пак за дополнителни вработувања, вели Тасевски. 

Посочува дека од над 300 вработени во Контрола на летање оперативни контролори се само 70,  наспроти како што вели на пример во Словенија  каде има 240 вработени, но 120 контролори. 

Едно од барањата е и да се ангажира фирма од надвор која ќе изврши функционална анализа за тоа кои служби и профилни кадри се потребни, како документ што во иднина ќе им биде поткрепа при неосновани постапки од раководството.

Реагираат и поради, како што вели, застарената опрема инсталирана во 1999 година која досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. По тендерот за набавка од 2014 година конечно е донесена, а ќе се монтира во просторија за која е добиена привремена употребна дозвола, а за обновата на таа просторија се потрешени приближно половина милион евра, вели Тасевски.

Поради ваквата состојба на опремата, укажува Тасевски, годинава воведовме рестрикции да не прифаќаме поголем број на авиони за прелет бидејќи опремата не беше во можност да ги одбработи. Се соочуваме и со проблеми со вода и одржување на хигиенски услови.  

Откако ја објавиле информацијата за штрајкот Тасевски вели дека почнал да добива телефонски закани за кои пријавил во полицијата и во ракодството на М-НАВ. лв/ac/

Остани поврзан