• сабота, 23 ноември 2024

Тасевски: Она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето

Тасевски: Она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето

Скопје, 10 јануари 2024 (МИА) - Она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето, но и порака дека секоја институција треба да го запали црвениот аларм, посебно Владата и политичките партии. Тие мора конечно да сфатат дека директорите треба да се поставуваат не зашто се членови на некоја партија или етничка заедница, туку затоа што се квалитетни. Само такви директори ќе носат квалитетни кадри, а не кадри кои ќе им бидат наложувани. Директорите, исто така, не треба да се менуваат со промена на власта, туку само доколку не испорачуваат резултати, вели претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски. 

Според него, до непосакуваната состојба во М-НАВ од пред неколку дена, дошло поради сите пропусти од минатото, не поради грешки и нешто што било вчера или завчера.

Во вечерашното гостување на Топ тема, Тасевски потврди дека тројца од напаѓачите биле вработени во М-НАВ, а за тоа кои биле останатите четворица, рече дека ќе покаже истрагата. Директорите, обвини, ги оставиле вработените на цедило и на 4 јануари воопшто не излегле со информација ниту кон нив, ниту кон јавноста за тоа што се случува во М-НАВ. Не обезбедиле ниту заштита на објектот.

Претседателот на Струковиот синдикат има големи очекувања во однос на расчистувањето на случајот кој, како што напомена, веќе доби меѓународен карактер. Поради тоа, истакна, многу ќе биде важно истрагата да се спроведе без да остави какви било сомнежи и можности за шпекулација.

Тасевски рече и дека не се плаши од најавените трудови инспекции. Повика да почнат од него, но потоа инспекцијата да спроведе контрола и врз останатите вработени. Како што нагласи, интересот за вработување во М-НАВ е за местата кои имаат многу мала или никаква одговорност. Надлежните ги измислуваат со систематизација и распишуваат конкурс што трае три дена.  

-Тоа што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето, тоа не е настан за грешки од вчера или завчера, туку покажува дека целиот период погрешно била поставена постапката за обезбедување, кои лица биле вработени во тие и во останатите служби, зошто дошле, што работеле. Од првата група четворица приведени, тројца беа кај нас вработени. Се поставува прашањето, каква била нивната задача и дали имале други задолженија кога во одреден момент се договориле да бидат на исто место за да нападнат контролор на летање. Но, тоа ќе оставиме да го каже законодавството. Од она што го видовме на телевизија, тројца препознавме како наши вработени. Не знам кои се останатите четворица, можеби ако ги видам би ги препознал, но дали биле вработени кај нас или не ќе мора да го прашате сегашниот директор за човечки ресурси. Може да бил некој наш вработен од тие што никогаш не дошле на работа. Јас не бев таму. Според информациите, имало одење кон огласната контролна соба, имало влечење, буткање, расправии и на крај резултирало со удар. Не сум ги гледал снимките, истражни органи беа дојдени, ги извадија сите снимките, темелно анализираа, гледаа, правеа записници и веројатно тие знаат што точно се случило. И лица кои се од М-НАВ задолжени за безбедносното одделение беа инволвирани во постапката за разоткривање на настанот што и како се случило, зошто, на која локација. Не би сакал да шпекулирам зашто не бев присутен, објасни Тасевски.

Јасно му е, дополни, дека сега тој ќе биде на тапет зашто, како што рече, случувањто во М-НАВ не им одговара на многу луѓе.

-Целта е дефокус. Ианку, татко ми работеше во контрола на летање, јас сум примен со полагање на сите испити и обуки, 29 години работам таму. Постојано сме под надзор и се усовршуваме, полагаме пред странски експерти и тука нема простор дали некој некого сакал или не. Приоритет е квалитетот и добредојден е секој што може да одговори на задачите, независно дали е нечиј или ничив. Во однос на најавените контроли од трудова инспекција, нема да биде прв пат. Од 2006 година сум претседател на Синдикатот и при секоја директна замерка на диртекторите поставени партиски, сме „трн во око“. Имаме постојани контроли, така беше и во 2008-ма, 2009-та, 2012-та и 2014 година. Нека почнат да ја „чешлаат“ работат во М-НАВ, нека почнат и од мене, но нека продолжат и со останатите вработени, подвлече Тасевски.

Според него, на 4 јануари имало безбедносен ризик зашто некој упаднал во просторот што е ограден, предвиден за контролата на летање без тоа да биде одобрено.

-Тоа покажа колку сме ранливи, дека може да се шета и тој што треба и тој што не треба. Директорите, кога беше настанот, не оставија на цедило - не излегоа ниту кон нас, ниту кон јавноста со известување што се случило. Не обезбедија ниту заштита на објектот. 24 часа немамвме никаква информација дека се воопшто присутни и дека знаат што се случува. Баравме помош преку Министерството за транспорт, да го замоли МВР да испрати екипи да го обездува објектот зашто вработените не се чувствуваа сигурно. Директорите потфрлија и тоа требаше да го кажат, да си дадат оставка. Како и да е, имам големи очекувања од М-НАВ и од правните органи, зашто ова не доби епитет на проблем од локален карактер, туку излезе од границите надвор од државата, во амбасадите, го обиколи светот преку каналите за воздухопловство, асоцијациите и здруженијата на пилоти и контролори. Се знае низ целиот свет, па очекувано е да се прикаже и вистинскиот резултат од истрагата, да не остава сомнеж и можност за шпекулација зашто тоа ќе донесе непотреби негативни поени за државата, нагласи Тасевски.

Во врска со тендерот за фирмата која треба да спроведе функциоинална анализа на М-НАВ, тој најави дека на 25 јануари треба да се отворат понудите.

-Верувам дека ќе има повеќе заинтересирани фирми. Очекуваме дека во оваа постапка конечно ќе се избере фирма за функциоинална анализа на М-НАВ. За тендерот за реновирање, постапката требаше да почне на 9 јануари, но не знам сега кога ќе биде поради случувањата. Имавме услови кои не соодветствуваат ни од блиску на она што треба да го имаме како контрола на летање, рече Тасевски. мч/аа/

фото: принт скрин

Остани поврзан