• вторник, 24 декември 2024

Тасевски: Не се исклучува можноста за затворање на воздушниот простор додека не се реши случајот со нападот на вработени во М-НАВ

Тасевски: Не се исклучува можноста за затворање на воздушниот простор додека не се реши случајот со нападот на вработени во М-НАВ

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) – Одлука за штрајк на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) се очекува вечерва како мерка додека не се реши случајот во кој беа нападнати контролори на летање вработени во М-НАВ, изјави претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски.

Во вечерашното гостување на Сител Телевиција, Тасевски рече дека овој настан, како што кажа, кај нив предизвикал дополнителен гнев и не се исклучува можноста за затворање на небото.

- Доцна вечерва ќе се одржи состанок каде што не се исклучува можноста за затворање на комплетен воздушен простор сѐ додека не се казнат сторителите на денешниот настан. Бидејќи пред сѐ мора го заштитиме секој наш контролор за летање како колега, секој вработен во оваа фирма, како и патниците кои прелетуваат, рече Тасевски.

Затворањето на небото, како што дополни, би значело дека авионите кои што вообичаено прелетуваат преку нашите воздушни граници, ќе мора да го заобиколат нашиот воздушен простор.

- Низ периодот наназад, нашите отстапки што ги правевме во врска со штрајковите кои ги најавуваме, ги правевме затоа што длабоко посакувавме, иако не бевме секој пат уверени, дека работите ќе се сменат во позитивна насока, од една страна. Од друга страна, секој пат сакавме да излеземе со разбирање спрема нашите граѓани кои што се најмалку виновни да ги плаќаат последиците од таква активност како што е штрајк, бидејќи тие ќе бидат тие што не можат да патуваат, дополни тој.

На прашањето дали после сите овие случувања, ние како обични граѓани, треба да се качиме во авион, Тасевски одговори „да“.

- Контролорите на летање нема да дозволат ништо да се случи на ниту еден авион. Нашите заложби се токму во таа насока патниците да можат да патуваат секаде во светот. Во првиот момент кога ќе почувствуваме дека не можеме да ги бајпасираме сите околности што се случуваат околу нас, ќе речеме стоп, рече тој.

Изјавата на Тасевски следува откако лице вработено во М-НАВ, заедно со уште неколку непознати лица денеска физички нападнале тројца вработени во институцијата.

Оваа информација ја потврди и Министерството за внатрешни работи, од каде информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

- Денеска (04.01.2024) околу 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Тасевски претходно објави дека во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање. Според  него, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето. 

- Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија ѝ е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, наведува тој.

Овој акт на насилство, како што дополнува, не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата. 

Нападот се случи по денешната прес-конференција на Тасевски  во која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Тасевски на прес-конференцијата рече и дека вчера телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи и му била презентирна пријава од страна на двајца од тројцата директори во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Фасим Деари. Тие поднеле кривична пријава против него, како што рече, врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик.  

- Најодговорно тврдам дека содржината тој мејл нема никакви ставки кои асоцираат на закани и живтозагрозувачки информации. Сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно и намерно во таа насока, за да може да се искористат против мене како претседател на Синдикат, како вид на притисок, со намера да се откажеме од нашите активности, преку мене и до Синдикатот на контролорите на летање, а воедно со самото тоа и до сите професионалци кои во изминатиот период покажаа доблест, се дрзнаа да го кренат гласот и да покажат дека се спремни да застанат во одбрана и заштита на својата професија, за стопирање на клиентелизмот и на непотребните и нестручни вработувања, рече Тасевски. ар/нд/
Фото: Принтскрин

Остани поврзан