• петок, 27 декември 2024

Таравари: До петок ќе донесеме одлука како ќе се реши проблемот со компресорите за хируршките сали

Таравари: До петок ќе донесеме одлука како ќе се реши проблемот со компресорите за хируршките сали

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Новиот министер за здравство Арбен Таравари денеска по примопредавањето на функцијата ги посети хируршките клиники во Клиничкиот центар, со цел увид во дисфункционалноста на компресорите во салите. По посетата на салите, тој изјави дека деновиве ќе добие извештај од направените испитувања и се надева дека до петок ќе донесе дефинитивна одлука како ќе се реши проблемот - дали ќе може да се поправи постоечкиот или ќе се инсталира нов систем.

- Денеска разговарав речиси со сите директори и со директори на општи служби. Тие кажуваат дека во некои операциони сали воопшто нема никаков мирис. Во одредени сали, посебно во абдоменална хирургија постои одреден мирис и затоа анестезиолозите не дозволуваат да функционира со централниот компресивен систем.Очекувам деновиве, утре или задутре, да добијам извештај од испитувањата што се направени и да видиме како побргу да го решиме проблемот. Ми требаат неколку дена за да донесам дефинитивна одлука - дали ќе одиме на брзо решавање на проблемот со отворање на нова набавка и веднаш инсталирање на комплетно нов систем или ќе може ова да се поправи, рече Таравари.

Прашан како сега се одвива оперативниот програм и дали е зголемен бројот на операции, Таравари одговори дека бројот на операции е редуциран, но потенцираше дека не треба да се избрзува со изнаоѓање на решение и дека треба внимателно да се работи бидејќи станува збор за човечки животи.

- Дефинитивно е редуциран бројот на операции, многу е помал за разлика од тогаш кога работел централниот компресивен систем, меѓутоа се функционира. Затоа велам, се уште немаме долгорочно и сигурно решение. Затоа, не треба да се брза, се работи за човечки животи. Подобро да бидеме внимателни и да најдеме што побргу долгорочно решение, бидејќи сепак огромен број на пациенти со сериозни болести се лекуваат тука, рече Таравари, додавајќи дека следните денови приоритет ќе му биде решавањето на овој проблем.

На прашањето дали доколку се оди со воведување на нов систем, истиот ќе биде готов до крајот на декември како што беше најавено, Таравари рече дека според стручните служби, за нов систем се потребни минимум шест месеци, но дека најпрвин ќе извршат увид дали може постоечкиот систем да се поправи.

Прашан дали е информиран дека надворешниот компресор откажал за време на две операции, кај едно дете и кај еден пациент со карцином и дали знае како завршиле тие хируршки интервенции, Таравари одговори дека нема такви информации. бт/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан