• вторник, 12 ноември 2024

Таравари го прифаќа предлогот на Бектеши да се повлече од политиката оној кој ќе ги изгуби претстојните избори

Таравари го прифаќа предлогот на Бектеши да се повлече од политиката оној кој ќе ги изгуби претстојните избори

Скопје, 6 април 2024 (МИА) – Претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари денеска во одговор на новинарско прашање го потврди ставот дека го прифаќа предлогот на Крешник Бектеши од редовите на Демократската унија за интеграции (ДУИ), да се повлече од политиката оној кој ќе ги изгуби претстојните избори.

Таравари рече дека очекува убедлива победа на претстојните претседателски избори, во спротивно, нагласи дека се согласува со Бектеши да се повлече од политиката оној кој ќе ги изгуби изборите. 

– Очекувам победа, тоа е дефинитивно и нема дилеми. Тоа беше одговор на Бектеши од ДУИ, дека кој ќе изгуби треба да се повлече од политиката и јас се согласувам со него, како и се надевам дека истото важи и за другата страна. Ако прифатат тие, ние ќе го прифатиме истото, рече Таравари.

Според Таравари, ДУИ со години промовира спроведување на ветинг, но како што рече, досега немаме ниту драфт верзија за Закон на ветинг. Посочи дека кандидатските листи за пратеници од Коалицијата „Вреди“ се веќе предадени и таму нема ниту еден кандидат којшто е истражуван од поранешното Специјално јавно обвинителство. 

– Исто кажав и за ветингот кој Бујар Османи постојано го збори. Јас кажав дека сум подготвен, не утре, туку уште денеска да потпишеме дека сме подготвени да почне ветинг, бидејќи ДУИ тоа го промовира веќе седум или осум години, а никаде немаме барем драфт верзија за Закон за ветинг. Така што, за сѐ што тие бараат ние сме тука. Нашите листи се веќе предадени, немаме ниту еден човек на црна листа, ниту еден човек којшто од Специјалното јавно обвинителство е истражуван, така да за сѐ што бараат ние сме тука да им одговориме реципрочно, изјави Таравари.

Претседателскиот кандидат денеска заедно со подмладокот на Коалицијата „Вреди“ во Градскиот парк во Скопје го одбележа Меѓународниот ден на спортот, од каде порача дека како претседател ќе се заложи за негова промоција, како и за изградба на повеќе спортски терени за младите.

Доколку ја добие довербата од граѓаните, Таравари посочи дека ќе инсистира идната влада да ги спонзорира успешните спортисти, бидејќи како што рече, земјава има познати и кредибилни спортисти кои што земјава би требало да ги субвенционира, доколку пак, за повозрасните спортисти кои што ја завршуваат кариерата државата би требало да им обезбеди плата за достоинствен живот.

– Научно е докажано дека што повеќе спортски активности правиме, толку подобро здравје имаме, во здраво тело здрав дух. Ќе се обидеме во следниов период со Коалицијата „Вреди“ и јас како претседател, да промовираме дека неопходно е за младите што повеќе спортски игралишта и терени да изградиме, за спортувањето да им стане навика. Што повеќе спортуваат толку помалку ќе имаат болести. Не дека во Македонија нема спортски терени, но мислам дека во последните години стагнираме. Има  рурални средини каде што нема никакви спортски терени, рече Таравари. ра/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан