• сабота, 23 ноември 2024

Таравари: Бујар Османи доцна се премисли за Отворен Балкан

Таравари: Бујар Османи доцна се премисли за Отворен Балкан

Тетово, 15 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари ја претстави својата програма на централен митинг во тетовската општина Желино. Тој во својот говор се осврна на релациите со Косово и Албанија.

- Ќе имаме целосна координација со двете албански држави, Албанија и Косово. Ќе ги продлабочиме врските со Тирана и Приштина, бидејќи тие се наши браќа од иста крв. Значи, нема да правиме како мојот противкандидат кој својата прва посета како министер за надворешни работи ја направи во Белград и никогаш немаше билатерална посета на Република Косово, нагласи Таравари.

Таравари рече дека неговиот противкандидат Бујар Османи сега се сетил да предложи излез од Отворен Балкан, иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров.

-Денес слушнав дека станал пишман за Отворен Балкан и дека ќе предложи излез на Северна Македонија од оваа иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров. На пишман аџијата му велиме дека доцна се расонил. Останавте сами во ист кревет со Вучиќ. Со Вучиќ кој организира терористички напади на Косово и кој се плаши од поразот на ДУИ, затоа што се плаши од промената што ВРЕДИ, истакна Таравари.

Пред жителите во Желино се обрати и претседателот на Движењето Беса и носител на листата за изборна единица шест, Биљал Касами.

- На овие избори излеговме за да понудиме економски развој, поголема благосостојба на граѓаните, децентрализација и автономија на нашите општини. Затоа што рековме со Тетово, Гостивар, Желино, Чаир имаме лидери кои им служат на нивните граѓани, нас ни треба повеќе децентрализација, нам ни треба повеќе локална автономија за сè да им вратиме на граѓаните. На 8 мај гласајќи за „Вреди“ гласаме да ја вратиме младината онаму каде што и е место, ние ќе гласаме за помошта што ќе им ја дадеме на бизнисите, а ќе биде помош што ќе ги држи семејствата заедно, ќе ја чува младината во родното место, ние ќе ги поддржуваме бизнисите, зошто бизнисите на младите е она што вреди, рече Касами.

За политиките на „Вреди“ зборуваа и дел од кандидатите за пратеници. ас/вј/

Фото:Движење Беса 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан