• вторник, 24 декември 2024

Таравари: Би поддржале и малцинска Влада, но подготвени сме и да раководиме со одредени институции

Таравари: Би поддржале и малцинска Влада, но подготвени сме и да раководиме со одредени институции

Скопје, 2 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вечерва изјави дека за неколку дена ќе се знае дали тие ќе станат дел од Владата или не. Оваа работа, тврди тој, не е завршена. АА би можела да поддржи и малцинска влада, но тие, вели Таравари, подготвени се и да преземат одредени одговорности и да раководат со институции.  

-Мислам дека за неколку дена ние треба да одлучиме. Јас планирам идната недела да свикам Централно претседателство и да ја завршиме оваа работа, рече Таравари за емисијата Вин Вин на ТВ Телма.

Добиваме јасни пораки, вели тој, дека не е добро во 2023 година да се оди на предвремени избори, посочувајќи дека тие би поддржале и малцинска влада без да добијат министерско или директорско место и да бидат бекап на Владата, да обезбедат кворум во Собранието, а Владата да се обиде да направи 80 пратеници за уставни измени.

-И ова сме го понудиле и јавно го кажувам, меѓутоа подготвени сме да земеме и одредени одговорности и евентуално да раководиме одредени институции, рече Таравари.  

Претседателот на АА тврди дека за кадровски прашања воопшто не е разговарано на средбите со премиеротДимитар Ковачевски. На последната средба, најголем дел од времето зборувале за програмското усогласување. Но, тој вели дека една од нивните цели е борбата против корупцијата и дека со раководење во одредени институции тие би го покажале тоа. 

Со претседателот на Алтернатива, Таравари вели дека имаат релативно добра комуникација и дека се сретнале два пати и дека нивната намера не е некој да излезе од Владата, туку и АА да даде свој придонес или од надвор или од внатре. 

Таравари посочува дека периодот во кој се наоѓаме како држава е малку поинаков од оној што бил пред февруари во 2022 година. Инвазијата на Русија во Украина, според Таравари, сменила многу работи, а почетокот на процесот на скрининг на земјава, заедно со Албанија, нè доведува до ситуација во која не треба да се размислува само за рејтингот на партијата, туку и за доброто на обичниот граѓанин и на општеството. 

Според него, ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како АА да мора да остане во опозиција.

-Ние со ова сакаме да испратиме порака и до ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ од една страна останува со Левица и веќе се, да речам, за жал, стигматизирани дека едноставно го кочат процесот поради нејасна работа. Од друга страна, пак, не мислат дека ако Македонија не ги започне преговорите до крајот на годината, тоа е уште потрагично за државата, па и за луѓето, рече Таравари. 

Според него, со бројка од 64 пратеници, многу потешко може да се стигне до бројката од 80 пратеници.

- Со една бетонирана бројка од 70 или 72, плус Беса која што мислам дека би гласале исто како Алијанса, без разлика дали се позиција или опозиција. Мислам дека е многу полесно да се стигне до 80 пратеници од 72 или 74 отколку во оваа состојба во која е актуелното мнозинство, изјави Таравари, според кого да има уставни измени потребни ќе бидат уште најмалку осум гласови. ев/бак/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан