• среда, 25 декември 2024

Танкерските компании ја стопираа пловидбата низ Ормутски Теснец

Танкерските компании ја стопираа пловидбата низ Ормутски Теснец

Ријад, 9 јануари 2020 (МИА) – Неколку големи танкерски компании ја стопираа пловидбата низ Ормутски Теснец поради зголемените тензии помеѓу Иран и САД.

Саудиската компанија „Бахри“ и бразилската „Петробрас“ меѓу првите ја стопираа пловидбата низ Ормутски Теснец.

Претходно, Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати соопштија дека ќе се потрудат пазарот на нафта да функционира без проблеми поради најновиот развој на ситуацијата.

Иран вчера истрела повеќе балистички ракети врз две воени бази во Ирак, во кои се стационирани американски војници, а Иранската револуционерна гарда презеде одговорност за нападот, истакнувајќи дека тоа е одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани.

Поради тоа вчера повеќе светски авиокомпании ги пренасочија своите летови за да го избегнат воздушниот простор над Ирак и над Иран, меѓу кои и „Квантас“„Малезија ерлајнс“, „Сингапур ерлајнс“, „Ер Франс“ и други. Додека Американската федерална администрација за авијација (ФАА) им забрани на американските авиопревозници да летаат во воздушниот простор на Ирак, Иран, Оманскиот Залив и водите меѓу Иран и Саудиска Арабија.

Ормутски Теснец се наоѓа во Индиски Океан помеѓу Оманскиот Залив на југоисток и Персискиот Залив на југоисток. Северниот брег на Теснецот е иранска територија, а јужниот е на Обединети Арапски Емирати и на Оман. Покрај северниот брег на Ормутски Теснец има неколку ирански острови – Киш, Кешм, Абу Муса и Големи и Мали Тунб. Островите имаат стратешко значење како платформи од каде може да се надгледува сообраќајот низ Теснецот.

Ормутски Теснец е широк 50 километри и долг околу 200 километри, низ кој, како што се претпоставува, се транспортира 40 проценти од светската нафта. ми/

Остани поврзан