• среда, 18 декември 2024

Талески: ВМРО-ДПМНЕ се против ЕУ и македонскиот јазик во ЕУ

Талески: ВМРО-ДПМНЕ се против ЕУ и македонскиот јазик во ЕУ

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) - ВМРО ДПМНЕ не е само против ЕУ тие се и против македонски јазик во ЕУ, тие не гласаа за Договорот со Фронтекс. Не гласаа за првиот Договор со кој македонскиот јазик официјално влегува во ЕУ, изјави денеска во Собранието Миле Талески, пратеник од СДСМ.

- Ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не беше присутен кога се ратификуваше првиот Договор со ЕУ потпишан на официјален македонски јазик, без фусноти и без додавки. Исто се случи и со гласањето за законите поврзани со Иницијативата Отворен Балкан кои обезбедуваат поголема мобилност на работната сила и слободен пазар на труд во трите земји од иницијативата, рече Талески.

Според него, „пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска одново докажаа дека се деструктивци кои работат спротивно на интересите на државата и граѓаните“.

- Откако со месеци лажеа и ширеа хистерија дека македонскиот јазик ќе бил загрозен, дека ќе имало асимилација и бугаризација, откако не смогнаа сили да честитаат за потпишувањето на Договорот со Фронтеск на официјален македонски јазик, денеска пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за ратификација на овој Договор, нагласи Талески.

Додека се носат важни закони за граѓаните и државата, додаде тој, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се во салата, не се на своето работно место, не гласаат и не даваат никаков придонес.

- Но, затоа се први во пленарната сала кога бараат амнестија за осудени криминалци и хулигани, кога треба со вувузели, закани и тропања да се обидат да закочат некое важно законско решение. Ете тоа е односот на ВМРО-ДПМНЕ кон законодавниот дом, тоа е односот кон граѓаните што ги гласале, тоа е нивниот однос кон сопствената држава. ВМРО-ДПМНЕ се нервозни што не им успеа сценаријата за предвремени избори. Вака, уште долго ќе останат во опозиција, порача Талески. мс/нд/

Остани поврзан