• сабота, 09 ноември 2024

Талевски за МИА: Во поголемите рудници платите повисоки и за 60 проценти од просечната плата

Талевски за МИА: Во поголемите рудници платите повисоки и за 60 проценти од просечната плата

Штип, 28 август 2024 (МИА) - Расте бројот на вработени и на платите, но се намалува производството во рударскиот сектор, за 1,6 проценти во однос на 2022 година, а ваквиот тренд продолжи и во првата половина од 2024 година, кога е регистрирано намалување од 5,8 проценти. Кај извозот пак минатата година забележано е намалување од 9,1 процент, а во првите шест месеци од оваа година за дури 10,6 проценти во однос на истиот период од 2023 година, вели во интервју за МИА, претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), Ивица Талевски.

На македонските рудари, кои работат во подземните, но и на површинските копови платата им е повисока за 30 проценти, а кај некои од поголемите рудници за метали и за над 60 проценти од просечната плата во земјата.

- Во периодот 2012-2021  бруто додадената вредност на овој сектор е зголемена за 48 проценти, а неговото учество во создавањето на вкупниот бруто-домашен производ на земјата постојано расте, достигнувајќи 3,5 проценти во првото тромесечје од 2024 година, за разлика од некои други сектори кои добиваат значителна државна помош и субвенции, а чие учество во креирањето на БДП на земјата континуирано се намалува, вели во интервјуто за МИА Талевски.

Европската Унија (ЕУ) лани усвои Закон за искористување на критични минерални суровини, на листата се вкупно 34 кои треба да овозможат побрз индустриски и економски развој, но и земјите од овој континент да не бидат зависни од суровините од Кина, Русија, во контекст на она што членките на ЕУ го имаат усвоено и во кој правец се движат, Талевски за МИА вели дека за да може Македонија да фати чекор со ваквите трендови, најнапред мора да знае со какви минерални суровини располага, за што пак е потребен современ систем на геолошки истражувања, мапирање на расположливите минерални ресурси и анализа на тие податоци, кои ќе овозможат носење на соодветни одлуки во врска со нивното одржливо искористување.Добра вест е што Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) по повеќе од еднодецениски застој и одложувања започна со изготвување на нацрт-верзијата на Стратегијата.

Во продолжение интервјуто со Ивица Талевски, претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) по повод Денот на рударите:

Господине Талевски, дали изминатата година бележиме зголемување на бројот на вработени, раст на платите, отворање на нови компании, како и на извозот или останавме на ниво од лани, кога извозот во овој сектор традиционално  надминува 200 милиони долари, од кои над 75  проценти отпаѓа на извоз на метални руди?

- Бројот на вработени и платите во рударството во земјава продолжија да растат во текот на цела 2023 и првата половина од 2024 година и покрај тоа што домашната рударска индустрија се уште ги чувствува последиците од високата глобална инфлација и геостратешките кризи кои имаат големо влијание на намалување на економска активност во земјите-големи потрошувачи на метали и други минерални суровини, што предизвика намалување на побарувачката за нив на светските пазари, пад на цените. Овие фактори влијаеа на намалување на остварувањата на домашниот рударски сектор. Имено, во текот на минатата година производството во секторот се намали за 1,6 проценти во однос на 2022 година, а ваквиот тренд продолжи и во првата половина од 2024 година, кога е регистрирано намалување од 5,8 пооценти. Кај извозот пак минатата година забележано е намалување од 9,1 процент, а во првите шест месеци од оваа година за дури 10,6 проценти во однос на истиот период од 2023 година.

Но, сепак домашниот рударскиот сектор, особено поголемите рудници кои располагаат со поголеми можности и финансиска поддршка од групациите на кои им припаѓаат, успеваат да ги издржат ваквите предизвици и да продолжат со реализација на планираните инвестиции и развојни планови. Показател за тоа е вредноста на извозот, каде носители се рудниците за метали, кој во 2023 година повторно надмина вредност од 280 милиони долари, како и растот на платите и вработувањата. Имено, платите во рударството минатата година беа зголемени за 11,1 процент во однос на 2022 година, а зголемувањето продолжи и во првата половина од оваа година и тоа за 6 проценти, што е скоро двојно над годишниот раст на инфлацијата. Со ваквото зголемување, платите во рударството се повисоки за околу 30 проценти, а кај некои од поголемите рудници за метали и за над 60 проценти од просечната плата во земјата. Во истиот период продолжи да расте и бројот на вработени во секторот и тоа за 5,3 проценти проценти за првите шест месеци од 2024 година.

Новата Влада создаде ново Министерство за енергетика и рударство, дали имавте средба со новата министерка? Кои се вашите барања како МАР кои ќе ги испорачате до новата Влада и новото Министерство?

- Формирањето на посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кое ќе води сметка за спецификите на овој сектор и може поефикасно да одговори на неговите потреби, за нас во рударството е еден вид охрабрување дека конечно е препознаен потенцијалот на овој сектор и неговиот придонес за домашната економија.

Имено, иако се работи за исклучително хетероген сектор, придонесот на рударството за домашната економија е значаен. На пример, во периодот 2012-2021  бруто додадената вредност на овој сектор е зголемена за 48 проценти, а неговото учество во создавањето на вкупниот бруто-домашен производ на земјата постојано расте, достигнувајќи 3,5 проценти во првото тромесечје од 2024 година, за разлика од некои други сектори кои добиваат значителна државна помош и субвенции, а чие учество во креирањето на БДП на земјата континуирано се намалува. Овие параметри се само еден од показателите за потенцијалот што го има домашното рударство кој, доколку биде правилно насочен и искористен, може да даде уште поголеми придобивки за националната економија.  

Инаку, ние како асоцијација,свесни за тоа дека е потребен извесен временски период за целосно да се оформи новото министерство,се уште не сме оствариле средба со ресорната министерка. Но, верувам дека во наредниот период, преку добра меѓусебна комуникација и соработка, заеднички ќе изнајдеме решенија за предизвиците со кои се соочува секторот и со тоа ќе придонесеме кон креирање поволен амбиент, што ќе овозможи подинамичен одржлив развој на одговорното домашно рударство.

Потребна ли е модернизација на македонските рудници, од аспект на нови машини за работа, како и за побезбедни работни места во рудниците?

- Во изминатите години во домашната рударска индустрија континуирано се инвестира во подобрување на технолошките процеси, зголемување на безбедноста и условите на работа и овозможување поефикасно и еколошки одржливо производство. Податокот дека во периодот 2012-2021 просечната стапка на раст на инвестициите во секторот рударство и вадење на камен достигнала 10,4 проценти и е повисока од просечната стапка на раст на инвестициите во целата индустрија која изнесува 4,7 процети доволно ја потврдува претходната констатација.

Инвестициите во модернизација, зголемување на безбедноста и условите за работа, како и во одржливо производство се особено изразени кај домашните рударски компании кои се дел од силни интернационални групации, кои покрај тоа што вложуваат големи средства во нашите рудници, истовремено трансферираат и големо знаење, искуство, современи индустриски стандарди и корпоративни практики, што е особено важно.

Се разбира, ваквиот процес на модернизација мора да продолжи и да ги опфати и помалите компании, односно сите деловни субјекти во секторот рударство и вадење камен, затоа што одговорноста за состојбите и сликата на целата индустрија во општеството зависи од сите кои се вклучени во неа.       

ЕУ лани усвои Закон за искористување на критични минерални суровини, на листата се вкупно 34 кои треба да овозможат побрз индустриски и економски развој, но и земјите од овој континент да не бидат зависни од суровините од Кина, Русија. Ваш коментар, како нашата земја треба да го искористи ова?

- Без металите и минералите не може да се замисли современиот живот. Металите како што се железото, оловото, цинкот, бакарот, никелот, среброто и други, како и оние што припаѓаат во групата критични минерални суровини, како што се литиумот, кобалтот и други, се неопходни за производство на компоненти во многу гранки, меѓу кои во автомобилската и авио индустријата, градежништвото, медицината, ИТ индустријата и електрониката..., вклучувајќи ги и технологиите кои овозможуваат зелена транзиција, како што се ветерниците, панелите и батериите кои се вградуваат во соларните електрични централи, електрични возила и друго. Свесна за потребите од ваквите минерални суровини кои се неопходни за нејзиниот натамошен одржлив развој, Европската Унија, во 2023 година, го започна процесот на усвојување нова регулатива која треба да ѝ овозможи пред сѐ поголем развој на дополнителни производствени капацитети во рамки на ЕУ, како и намалување на нејзината зависност од увозо на критични минерали, која досега надминуваше и над 90 проценти од потребите.

За да може Македонија да фати чекор со ваквите трендови, најнапред мора да знае со какви минерални суровини располага земјата, за што пак е потребен современ систем на геолошки истражувања, мапирање на расположливите минерални ресурси и анализа на тие податоци, кои ќе овозможат носење на соодветни одлуки во врска со нивното одржливо искористување. За сето тоа се неопходни долгорочна Стратегија и соодветен План за развој на секторот, кои за жал се уште ги немаме. Затоа ние како Асоцијација која ги застапува интересите на македонската рударска индустрија сметаме дека час поскоро е потребно да се заокружи процесот на донесување на ваква долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини, кој по повеќе од еднодецениски застој и одложувања го започна Македонската Академија на науки и уметности(МАНУ), со изготвување на нацрт-верзијата на оваа Стратегија.

 Лани немаше централна прослава за Денот на рударите, дали и оваа година ќе изостане и како рудникот „Саса“ ќе го прослави?

- Како најголем рудник со подземно ископување на оловно цинкова руда во земјата, Рудникот САСА и оваа година ја продолжува традицијата на прославување на Денот на рударите. И оваа година рудникот им додели парични награди, пригодни подароци и признанија на сите свои вработени, а дополнителни награди добија вработените кои дале особен придонес за безбедноста при работа, како и за одржување на безбедно и сигурно производство. Дополнително како и секоја година, и оваа, САСА обезбеди финансиска поддршка за организација на поголемиот дел од манифестациите кои во чест на празникот се одржуваат во Македонска Каменица, а реализирани се и неколку донаторски активности и проекти кои се значајни за локалната заедница.Инаку, минатата година, токму тргнувајќи од својата континуирана грижа и поддршка за заедницата, САСА одлучи да ги пренамени планираните средства за интерни свечености поврзани со прославата на Денот на рударите, за реализација на проект за зголемување на безбедноста во сообраќајот во локалната заедница, кој успешно се спроведува.

Инаку, според моите сознанија и останатите рудници, особено поголемите, во рамки на своите можности, на соодветен и свечен начин го одбележуваат овој значаен ден за целата домашна рударската индустрија.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: МИА и Рудник САСА

 

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан