Схоф најави дека Нетанјаху може да не биде уапсен ако ја посети Холандија
- Холандскиот премиер Дик Схоф денеска изјави дека постојат опции израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Холандија без да биде уапсен, и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Амстердам, 29 ноември 2024 (МИА) – Холандскиот премиер Дик Схоф денеска изјави дека постојат опции израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Холандија без да биде уапсен, и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Ова ја ублажи позицијата на неговиот министер за надворешни работи, Каспар Велдкамп, кој минатата недела во парламентот потврди дека Холандија целосно ќе соработува со МКС, објаснувајќи дека тоа значи дека „тие постапуваат по налози за апсење издадени против лица кои се на холандска територија“.
Схоф денеска изјави дека се уште постојат сценарија во рамките на холандските обврски кон МКС во кои Нетанјаху нема да биде уапсен, во зависност од причината за неговата посета.
- Најважно е што имаме обврски кои произлегуваат од договорот (на кој се заснова МКС) и да ги почитуваме, рече Схоф прес-конференција.
МКС минатата недела издаде налози за апсење на Нетанјаху и Галант и водачот на военото крило на Хамас, Мухамед Деиф, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во војната во Газа. јт/