• четврток, 26 декември 2024

Суспендираниот каталонски лидер најави вонредни избори

Суспендираниот каталонски лидер најави вонредни избори
Барселона, 29 септември 2020 (МИА) - Суспендираниот каталонски лидер Ким Тора најави дека ќе бидат распишани предвремени регионални избори за неколку месеци, откако Врховниот суд ја потврди првостепената пресуда со која се забранува тој да извршува јавни функции во период од 18 месеци. Поради одлуката на Врховниот суд на Шпанија синоќа се одржаа демонстрации во Барселона, а Тора, за време на своето телевизиско обраќање до јавноста, најави дека ќе се жали на оваа пресуда, која тој ја опиша како политички мотивирана и донесена со цел да се собори регионалната власт во Каталонија. Врховниот суд на Шпанија ја потврди пресудата на пониската судска инстанца, со која се забранува каталонскиот претседател да влезе во кабинетот и да извршува претседателски должности, бидејќи во пресрет на изборите во 2019 година, тој залепи плакат на зградата на државната институција со кој се бара ослободување на сепаратистичките лидери. Судскиот совет вчера едногласно донесе одлука за потврдување на првостепената пресуда со која на претседателот Ким Тора му се забранува извршување на функцијата во траење од 1,5 година и глоба во износ од 30 илјади евра. Заменикот на Тора, Пере Арагонес, во согласност со законот, ќе ги извршува претседателските должности до следните избори. паг/

Остани поврзан