• недела, 24 ноември 2024

Супер Месечината организирано вечерва ќе се набљудува во Неготино 

Супер Месечината организирано вечерва ќе се набљудува во Неготино 

Неготино, 30 август 2023 (МИА) - Супер Месечината организирано вечерва ќе се набљудува со телескопи во Неготино, информираа денеска од Здружението на граѓани „Ековита“, кое го организира настанот на спомен-костурницата во градот.  

- Станува збор за астрономска појава кога месечината е во точка на својата орбита најблиску до Земјата. Кога супер месечината се случува, изгледа дотолку поголема и светла, што ја прави спектакуларна на ноќното небо. Во споредба со обичната месечина, супер месечината е со околу 14 проценти поголема големина, оттаму името „супер“, појасни Кристина Тодорова, активист на ,„Ековита“ и координатор на проектот. 

Таа додаде дека за целосно задоволство при гледањето, осветлувањето на споменикот ќе биде исклучено и заради безбедност во движењето да се внимава при пристапот, да се користат мобилни светилки, а телескопите ќе бидат поставени околу споменикот.

Активностите се дел од  проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите”. Проектот MladiHub го спроведуваат Национален младински совет на Македонија и Stella Network со финансиска поддршка од страна на Британска амбасада Скопје. свд/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан