Суни Вилијамс, астронаутката која непланирано мина девет месеци на Меѓународната вселенска станица, отиде во пензија
- Таа исто така го држи женскиот рекорд за најдолго време поминато во вселенски излегувања - 62 часа престој надвор од Меѓународната вселенска станица.
Хјустон, 21 јануари 2026 (МИА) - Американската астронаутка Суни Вилијамс од НАСА, една од двајцата што непланирано поминаа девет месеци заглавени на Меѓународната вселенска станица (МВС), отиде во пензија. Националната воздухопловно-вселенска администрација вчера соопшти дека пензионирањето на Вилијамс е во сила од крајот на декември.
Нејзиниот колега од неуспешниот лет со капсулата „Старлајнер“ на „Боинг“ во 2024 година, Буч Вилмор, ја напушти НАСА лани летото. Инаку, двајцата астронаути беа означени како првите луѓе што ќе летаат со новата капсула на американската аерокомпанија. Нивната мисија требаше да трае само една недела, но поради проблемите со „Старлајнер“, космонаутите останаа таму повеќе од девет месеци. Тие конечно се вратија дома во март 2025 со капсула на „Спеј икс“.
Вилијамс (60), поранешна капетанка на американската морнарица, мина повеќе од 27 години во НАСА вклучувајќи и 608 дена во вселената за време на три мисии до вселенската станица. Таа исто така го држи женскиот рекорд за најдолго време поминато во вселенски излегувања - 62 часа престој надвор од МВС.
Таа е „пионер во областа на човековите вселенски летови“, рече новиот администратор на НАСА, Џеред Ајзекмен. „Честитки за заслуженото пензионирање“, додаде тој во соопштението.
Следната мисија на „Старлајнер“ ќе биде лет до МВС со товар, без екипаж. НАСА сака да се осигури дека сите проблеми со погонските системи и другите делови на капсулата ќе бидат решени пред повторно да може да испрати астронаути на вселенскиот брод. Пробниот лет е закажан подоцна оваа година. си/ссм/
Фото: ЕПА