• четврток, 26 декември 2024

Сунак: Западот треба да биде похрабар во конфискацијата на руските средства

Сунак: Западот треба да биде похрабар во конфискацијата на руските средства

Лондон, 25 февруари 2024 (МИА) - Западот треба да биде похрабар во конфискацијата на руските средства замрзнати по руската инвазија на Украина во 2022 година, изјави денеска британскиот премиер Риши Сунак.

За весникот Сандеј Тајмс по повод две години од почетокот на конфликтот, Сунак вели дека на Украина сè уште и треба повеќе оружје со долг дострел, беспилотни летала и муниција и друга помош.

„Мораме похрабро да пристапиме кон нападот врз руската воена економија. Мора да бидеме похрабри во запленувањето на стотици милијарди замрзнати руски средства“, рече тој.

Минатиот месец, британскиот министер за инвестиции Доминик Џонсон се состана со заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адејем, на разговори за запленувањето на замрзнатите руски средства, нагласувајќи дека тоа треба да се изврши во согласност со меѓународното право.

Европската унија, САД, Јапонија и Канада замрзнаа околу 300 милијарди долари од средствата на руската централна банка во 2022 година кога Русија ја започна својата инвазија на Украина.

Сунак, исто така, ги повика САД да продолжат да обезбедуваат финансиска и воена поддршка за Украина.

„Никогаш не треба да го потценуваме она што Америка досега го направи за Украина и за евроатлантската безбедност. Ги повикувам да продолжат со оваа поддршка и убеден сум дека ќе го направат тоа“, вели Сунак. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан