• сабота, 23 ноември 2024

Судски совет за случајот М-НАВ: Судовите се независни во своето постапување, ја следиме нивната работа 

Судски совет за случајот М-НАВ: Судовите се независни во своето постапување, ја следиме нивната работа 

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) - Во врска со последните реакции во јавноста за случајот М-НАВ и неопределувањето мерка притвор за четирите осомничени лица, Судскиот совет денеска излезе со став дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамки на своите законски надлежности ја следи работата на судовите.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решенија со кои на четири лица осомничени за „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ во врска со нападот во М-НАВ, наместо мерката притвор побарано од Обвинителството, им определи мерки за претпазливост.

За инцидентот на 4 јануари, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ОЈО, осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице, ги попречиле услугите на аеродромот.

- Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години, посочи тогаш ОЈО.

Јавниот обвинител, ценејќи дека постои опасност од бегство или можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, достави предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага.  

Нападот се случи по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.

Владата денеска треба да одржи седница на која, како што е најавено, ќе носи одлуки врзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои и разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење, откако минатата недела осум лица, меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје. ар/бак/


Фото:МИА архива

Остани поврзан