• недела, 24 ноември 2024

Судскиот совет подготвува нова комуникациска стратегија, меѓу другото ќе се кратат роковите за одлучување

Судскиот совет подготвува нова комуникациска стратегија, меѓу другото ќе се кратат роковите за одлучување

Скопје, 26 април 2024 (МИА) - Промена на Деловникот на Судскиот совет во насока на предвидување на рокови за движење на предметите, кратење на роковите за одлучување, измена на правилникот за бодувањето на судиите за избор во повисоки судови, како и да мора да има образложение на избор и неизбор, а одлуките да бидат индивидуализирани, да се засноваат на објективни стандарди и да бидат конзистентни и компаративни, се дел од измените предвидени со новата комуникациска стратегија на Судскиот совет, со кои, како што информираа на денешниот брифинг, треба да бидат решени пет од препораките на Оценската мисија на ЕУ.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на брифинг со медиумите, појасни дека има околу пет препораки врзани со транспарентноста и отчетноста и во таа насока е изработена комуникациска стратегија, која ќе биде усвоена откако претседателите на судовите ќе дадат мислење и во јуни годинава.

Изработката на стратегијата, посочи Дамева, е дел од акциски план за спроведување на препораките на Оценската мисија на Европската унија за функционирањето на Судскиот совет, изработен во јануари годинава.

-Акцискиот план е јавно објавен. Во него се опфатени 17 препораки во директна надлежност на Судски совет. За секоја препорака има одговорно лице со конкретни мерки и не смее да има пречекорување на временската рамка, појасни Дамева.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање. Препораки, како што информираатогаш на брифинг во Делагацијата н ЕУ, се групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Вкупно 17 препораки, се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени. Од нив, седум се однесуваат на транспарентноста и десет за изборот и унапредувањето на судии, што е клучна функција на Судскиот совет.

Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“,  воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии, како и за зголемување на буџетската автономија.

Извештајот тогаш беше споделен со властите и надлежните институции и не беше јавно објавен.

Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември минатата година, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан