• четврток, 26 декември 2024

Судот го намали износот на банкарската гаранција на Трамп, но првиот кривичен процес против него започнува во април

Судот го намали износот на банкарската гаранција на Трамп, но првиот кривичен процес против него започнува во април

Вашингтон, 25 март 2024 (МИА) - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се обидува повторно да дојде на функцијата, денеска извојува делумна победа во врска со износот на банкарска гаранција што мора да ја достави за да го одложи извршување на првостепената граѓанска пресуда за измама на државата Њујорк, но за друг кривичен предмет.закажано му е судење за 15 април, јавува Си-Ен-Ен.

Апелациониот суд на државата Њујорк делумно го прифати барањето на адвокатите на Трамп, па износот на банкарската гаранција е намален од досегашните 454 милиони долари на 175 милиони долари, а рокот за нејзино поднесување е продолжен за десет дена.

Според претходна судска одлука, до денеска требаше да биде платена гаранција од 454 милиони долари. Во спротивно, њујоршката обвинителка Летиција Џејмс би имала одврзани раце принудно да го наплати долгот на Трамп кон државата Њујорк врз основа на казната изречена од судечкиот суд за измама на доверители и осигурителни компании - преку фризирани финансиски извештаи.

Првобитната гаранција беше одредена за целиот износ на паричната казна на Трамп, а потоа неговите адвокати побараа таа бројка да се ревидира бидејќи, наводно, е невозможно да се добие банкарска гаранција за тој износ, освен ако барателот е јавна компанија.

Од друга страна, на Трамп треба да му се суди во кривичната постапка против него затоа што и платил на порно ѕвездата Сторми Даниелс да молчи за неговиот однос со неа за да не му наштети во претседателската кампања во 2016 година.

Судењето ќе започне на 15 април со избор на поротата.

На денешното рочиште, на кое присуствуваше и Трамп, судијата го одби барањето на одбраната да го отфрли обвинението или да го одложи судењето.

Така, оваа кривична постапка ќе биде прва и потенцијално единствена од вкупно четирите против Трамп што ќе се водат пред претседателските избори закажани за ноември.  На тие избори Трамп најверојатно ќе биде кандидат на Републиканската партија, а од другата страна ќе го има актуелниот шеф на државата Џо Бајден од кого загуби на изборите во 2020 година.

Трамп никогаш не го призна поразот на тие избори и инсистира на тоа дека резултатите биле наместени. ссм/

фото: архива

Остани поврзан